Google го менува темпото на развој на Android 17: Beta циклусот е пократок, стабилната верзија пристигнува веќе во јуни 2026 година, со појасни фази и поинаква номенклатура на ажурирањата.
Google официјално потврди дека Android 17 влегува во забрзан развоен циклус, со цел стабилната верзија на оперативниот систем да биде објавена веќе во јуни 2026 година. Оваа промена доаѓа по воведувањето на постојаниот Android Canary канал, кој минатата година ги замени класичните Developer Preview верзии.
За разлика од претходните генерации, кога Developer Preview изданијата траеја со месеци, Canary овозможува новите функции и API-и да станат достапни веднаш по интерното тестирање. Во претходниот циклус имаше две Developer Preview изданија во текот на ноември и декември, додека првата Beta верзија пристигнуваше во јануари. Кај Android 17 овој процес е дополнително скратен.
Android 17: пократок Beta циклус и порано стабилно издание
Google потврди дека веќе во март Android 17 ќе ја достигне фазата Platform Stability, што значи дека SDK и NDK API-ите ќе бидат финализирани, како и однесувањето на системот што влијае врз апликациите. Ова е клучна точка за програмерите, бидејќи по неа не би требало да има поголеми промени што би барале дополнително прилагодување на апликациите.

Screenshot
За разлика од претходните години, Google овојпат не наведува точен број на Beta изданија. Наместо прецизна мапа на патот, во официјалната документација стои само формулацијата „подоцнежни Beta изданија“. Сепак, врз основа на досегашната пракса и усогласувањето со Quarterly Platform Release циклусот, се очекува Android 17 да добие Beta верзии во текот на април и мај, што би значело вкупно три главни Beta изданија пред стабилната верзија.
Google исто така потврди дека по стабилното издание ќе следува 26Q3 ажурирање, кое најверојатно ќе го носи називот 17 QPR1, потоа поголемото 26Q4 ажурирање означено како 17 QPR2, додека 27Q1 (17 QPR3) ќе го заокружи развојниот циклус на Android 17.
Интересно е што Google сè почесто користи ознаки според година и тромесечје наместо класичните QPR ознаки, што овозможува појасен временски контекст за секое ажурирање. Ваквиот пристап укажува на позрел и попредвидлив модел на развој, со јасна намера Android 17 да биде подготвен порано од претходните верзии, пренесува 9to5Google.



