Силициум-карбонските батерии нудат драстично поголем капацитет, но Google и Apple сè уште не ги користат поради проблеми со стабилноста и долготрајноста.
Силициум-карбонските (Si-C) батерии претставуваат следен голем чекор во развојот на технологијата за напојување, во област која последните триесетина години многу бавно се менуваше. Класичните литиум-јонски батерии сè уште ги задоволуваат основните потреби, но како што модерните паметни телефони се обидуваат да ја надминат конкуренцијата во секоја карактеристика, вклучувајќи ја автономијата, границите на графитните аноди стануваат сè поочигледни.
Благодарение на силициумот, телефони како Realme P4 Power можат да понудат капацитети и до 10.000 mAh, скоро двојно повеќе од најскапите телефони со класични литиум-јонски батерии. Причината лежи во самата природа на силициумот, кој може да складира повеќекратно повеќе енергија од графитот – теоретски и до десет пати повеќе. Тоа им овозможува на производителите или потенки уреди со иста автономија, или драстично поголеми батерии во стандардни димензии на телефони.

Со оглед на тоа што минатата година бројни флагшип модели на брендови како Vivo, OnePlus и Xiaomi преминаа на силициум-карбонски батерии, логично беше да се очекува истиот потег и од Apple и Google. Сепак, и iPhone 17 и Pixel 10 пристигнаа без оваа технологија.
Зошто силициум-карбонските батерии се проблематични
Главната причина лежи во физичките својства на силициумот. Силициумот се шири многу повеќе од графитот за време на полнење и празнење. Секоја батерија менува волумен за време на работа, но кај класичните литиум-јонски батерии зголемувањето изнесува околу 10%. Кај силициумските аноди, волуменот може да порасне и до 300%.
Таквото постојано ширење и собирање со текот на времето доведува до деградација, надувување на батеријата, а во екстремни случаи и до самопалење. Поради тоа, во пракса не се користи чист силициум, туку мешавина од силициум и јаглерод за да се зголеми стабилноста.
Проблемот е во компромисот: што повеќе јаглерод во структурата, батеријата е постабилна, но губи на енергетска густина. Некои телефони избираат помал удел на јаглерод за да добијат огромен капацитет, но со тоа преземаат поголем ризик за долгорочна доверливост.

Тоа не значи дека телефоните со оваа технологија се опасни, бидејќи сите модели кои се наоѓаат во продажба поминуваат строги тестови. Сепак, компании како Apple и Google се познати по поконзервативен пристап и прилично строги критериуми за квалитет. Нивната одлука да почекаат дополнително созревање на силициум-карбонските батерии изгледа логично, особено имајќи го предвид фактот дека актуелните iPhone модели веќе постигнуваат извонредна автономија дури и со значително помали капацитети на батериите.
Со други зборови, проблемот не е во потенцијалот на технологијата, туку во нејзината зрелост, а Apple и Google очигледно не сакаат да бидат првите кои ќе го преземат тој ризик


