Samsung воведува поддршка за повеќе AI агенти на ниво на оперативниот систем, а првиот партнер ќе биде токму Perplexity AI.
Samsung најавува значајна надградба на Galaxy AI, наведувајќи дека ќе го трансформира во повеќекратен AI екосистем со интеграција на агенти на ниво на целиот оперативен систем. Првиот партнер во оваа нова фаза од развојот ќе биде Perplexity AI, чиј AI агент ќе се појави на претстојните flagship Galaxy уреди.
Корисниците ќе можат да го активираат Perplexity AI со гласовната команда „Hey Plex“ или со притискање на страничното копче на уредот. Од Samsung наведуваат дека агентот ќе биде длабоко интегриран во сите Samsung апликации, вклучително Gallery, Notes, Calendar, Clock и Reminder, а поддршката ќе опфати и одредени апликации од трети страни.

Perplexity ќе може да извршува и задачи во повеќе чекори, што значи дека ќе биде способен да поврзува повеќе активности во рамки на еден процес, без дополнителна интервенција од корисникот. Во пракса, тоа би значело дека Perplexity од една единствена команда може да го преземе целиот процес на организирање состанок.
На пример, по барање од корисникот, агентот автоматски би ја проверил достапноста во календарот, би ги споредил слободните термини со вклучениот контакт, би предложил оптимални датуми и часови, би испратил порака или е-пошта со предлог-термин, а по потврдата сам би го внел состанокот во календарот, би додал локација или линк за видеоповик и би поставил потсетник, без потреба корисникот рачно да преминува меѓу апликации или да ги повторува истите информации.

„Посветени сме на изградба на отворен и инклузивен интегриран AI екосистем кој на корисниците им нуди повеќе избор, флексибилност и контрола при извршување сложени задачи брзо и едноставно. Galaxy AI делува како оркестратор, обединувајќи различни форми на вештачка интелигенција во единствено, природно и кохерентно искуство“, изјави Won-Joon Choi, претседател, оперативен директор и раководител на одделот за истражување и развој во Samsung MX.
Доколку се суди според досегашната пракса, ажурирањето One UI 8.5 би можело да овозможи барем дел од ова проширување на Galaxy AI и на постарите модели од линиите Galaxy S и Galaxy Z.



