„Не го знам точниот процент, но постои одредено ниво на ‘AI washing’, каде што луѓето ја обвинуваат вештачката интелигенција за отпуштања кои и онака би ги спровеле, а потоа постои и реално преместување на одредени видови работни места поради AI“, изјави Алтман.

Како што пренесува Gizmodo, изјавите на Алтман отвораат и пошироко прашање за комуникацијата околу AI. Како директор на компанијата што стои зад ChatGPT, тој мора внимателно да ја обликува својата порака. Од една страна, токму на идејата за зголемување на ефикасноста и автоматизацијата се темели голем дел од интересот на инвеститорите и корпорациите за AI. Од друга страна, доколку AI се позиционира премногу директно како замена за луѓето, тоа дополнително ги потхранува стравовите кај работниците во момент кога отпуштањата се веќе честа појава – па дури и во случаи кога, како што и самиот смета, AI можеби служи само како погоден изговор за кратења кои и онака би се случиле.
„Ќе најдеме нови видови работни места, како и при секоја технолошка револуција. Но очекувам вистинското влијание на AI врз извршувањето на работните задачи во наредните неколку години да стане поопипливо“, заклучува Алтман.

Сепак, податоците покажуваат дека реалното влијание на AI врз вкупната вработеност е нешто помало отколку што можеби се мисли. Според анализата на консултантската куќа Challenger, Gray & Christmas, околу 55.000 отпуштања во 2025 година во САД биле директно припишани на AI, што е помалку од еден процент од вкупните загуби на работни места таа година. Исто така, истражување на National Bureau of Economic Research покажало дека 90 проценти од анкетираните раководители тврдат дека AI во последните три години немал никакво влијание врз вработеноста во нивните организации.



