Разговаравме со Иван Ивановски, CEO и основач на Prime Class и ко-основач на Prime Capital by Adora, за тоа како дисциплинираниот, системски пристап и технологијата ја трансформираат улогата на инвеститорот во современиот финансиски свет.
Разговараше: НИКОЛА БУРАГЕВ
Во време на алгоритми, AI и постојан информациски шум, вистинската конкурентска предност не е само пристапот до податоци, туку способноста тие да се структурираат, анализираат и претворат во рационални одлуки. Во ова интервју, Иван Ивановски, CEO и основач на Prime Class и ко-основач на Prime Capital by Adora, ја објаснува трансформацијата на Prime Class од едукативна платформа во организиран инвеститорски систем и покажува како технологијата и data-driven алатките создаваат современи инвеститори кои размислуваат системски, управуваат со ризик и носат одлуки засновани на процес, а не на импулс.

Како ја гледате улогата на Prime Class денес и зошто структуриран пристап станува клучен?
Prime Class денес претставува организиран инвеститорски систем, а не само едукативна платформа. Во 2025 година, над 4.000 активни студенти реализираа просечен раст на портфолијата од 44,3%, но зад таа бројка стои нешто многу поважно од самиот резултат стои структура.
Во време кога AI, алгоритмите и информацискиот шум создаваат илузија на знаење, вистинската предност повеќе не е пристапот до информации, туку способноста тие информации да се филтрираат, анализираат и да се управува со ризикот што произлегува од нив. Токму затоа 2025 година за нас беше година на длабока трансформација. Не трчавме по брзо ширење, туку свесно го зацврстивме темелот.
Го направивме ребрендирањето во Prime Class како јасен системски идентитет, ја редизајниравме платформата за да биде пофункционална и поинтуитивна, воведовме AI-пребарување на содржината за студентите за неколку секунди да стигнат до точниот одговор, изградивме сопствен стриминг систем за стабилни и контролирани live сесии, започнавме со подготовка на мобилна апликација и ја издвоивме фундаменталната анализа како посебен систем што ќе добие уште подлабока методологија во 2026 година.
Во ера на волатилност, дисциплината станува повредна од самата информација. Prime Class не гради публика што реагира на наративи, туку инвеститори што размислуваат системски, управуваат со ризик и носат одлуки врз основа на процес, а не на импулс.

Како технологијата и data-driven алатките помагаат во рационални одлуки?
Во нестабилна средина, рационалноста не е автоматска таа е резултат на структура. Data-driven алатките овозможуваат одлуките да бидат засновани на параметри, не на емоции.
Технологијата не ја елиминира неизвесноста, но ја прави мерлива. Кога ризикот е мерлив, тој станува управлив. Во 2026 година, дисциплината ќе биде поважна од ентузијазмот. А дисциплината најдобро функционира кога е поддржана со аналитика и систем.
Може ли AI подобро да ги „предвиди“ геополитичките ризици?
AI може да обработи огромни количини податоци и да моделира сценарија со брзина што е невозможна за човекот. Но геополитиката останува комплексна човечка динамика.
Напредните модели можат да идентификуваат ризични сигнали и корелации, но не можат целосно да ја елиминираат непредвидливоста. Затоа, клучот не е во апсолутно предвидување, туку во адаптивност и управување со изложеност.
Современиот инвеститор не бара сигурност – туку структура во несигурност.

Кои AI апликации денес создаваат реална вредност?
Вештачката интелигенција веќе создава мерлива вредност во оптимизација на трошоци, автоматизација на процеси, напредна анализа на податоци и медицинска дијагностика.
Компаниите што ја интегрираат AI во својата оперативна срж ја подобруваат продуктивноста и ја зголемуваат профитабилноста. Разликата меѓу наратив и реалност е во имплементацијата. Денес гледаме премин од хипер-очекувања кон оперативна примена.
Тоа е показател дека не се работи за балон, туку за структурна трансформација.
Како AI ја менува анализата на компании?
Анализата повеќе не се сведува само на читање финансиски извештаи. Денес можеме да анализираме синџири на снабдување, конкурентска позиција, пазарна динамика и sentiment податоци во реално време.
Сепак, фундаментот останува непроменет: стабилен биланс, квалитетен менаџмент и способност за опстанок низ економски циклуси. AI ја проширува длабочината на увидот, но не ја заменува логиката на вреднување.
Каде очекувате најголема синергија меѓу tech и реалната економија?
Најголемата синергија ќе се случи таму каде што технологијата создава продуктивност – во енергетиката, AI во медицината и напредната индустриска автоматизација.
Кога иновацијата го намалува трошокот на капитал, ја зголемува ефикасноста и создава подобар квалитет на услуга, таа престанува да биде тренд и станува економска инфраструктура.

Како AI го менува skill set-от на инвеститорот?
Современиот инвеститор мора да биде повеќеслоен финансиски писмен, технолошки информиран и психолошки стабилен.
Во свет каде алгоритмите носат милиони микросекундни одлуки, човечката предност останува во трпението и долгорочната визија. Инвестирањето станува интелектуална дисциплина, а не само техничка активност.
Улогата на дигиталните заедници?
Технологијата овозможува поврзаност, но културата создава стабилност. Дигиталните заедници како Prime Class создаваат средина на одговорност, каде дисциплината се вреднува, а импулсивноста се коригира.
Младите инвеститори имаат пристап до глобалните пазари. Нашата задача е да им дадеме структура за тој пристап.
Пет години напред – повеќе tech или повеќе finance?
Инвестирањето ќе стане по-технолошко, но никогаш нема да престане да биде финансиска и интелектуална дисциплина.
Технологијата ќе ја зголеми брзината на анализа, но не и зрелоста на одлуката. За мали пазари како Македонија, ова претставува историска можност демократизиран пристап до глобален капитал.
Прашањето не е дали технологијата ќе го промени инвестирањето. Прашањето е дали ќе изградиме генерација инвеститори со доволна дисциплина да ја искористат таа промена.
