Samsung и Google подготвуваат голем пресврт во развојот на софтвер за мобилни уреди, со цел вештачката интелигенција да стане невидлива, но постојано присутна основа на сите Galaxy уреди.
На синоќешниот настан Galaxy Unpacked 2026 во Сан Франциско, компанијата Samsung потврди дека заедно со Google развива целосно нов AI оперативен систем, кој ќе биде основа на сите идни Galaxy производи.
Информацијата ја објави Ро Тае-мун, претседател на Samsung DX дивизијата, истакнувајќи дека целта не е додавање AI функции во поединечни апликации, туку целосна интеграција на вештачката интелигенција во самата срж на оперативниот систем.

AI како основа на целиот систем, а не како додаток
Според него, „добра AI е онаа што тивко го олеснува секојдневниот живот, работејќи незабележливо во позадина“. Новиот AI OS треба да овозможи слободна и непречена соработка меѓу апликациите и сервисите, без ограничувањата што постојат денес.
По глобалното претставување на серијата Galaxy S26, која носи прв AI агент способен проактивно да извршува задачи во име на корисникот, Samsung планира агресивно проширување на AI можностите на целата линија уреди.
Стратегија за „омасовување на AI“
Стратегијата на компанијата се темели на т.н. „омасовување на AI“. Идејата е вештачката интелигенција да не биде резервирана само за технолошки потковани корисници, туку да може да ја користат сите, без оглед на возраста или нивото на ИТ знаење.
Во таа насока, Samsung најавува дека сите нови Galaxy производи претставени во текот на оваа година ќе имаат AI поддршка, додека за моделите Galaxy S24 и S25 се подготвува проширување на AI функциите во согласност со хардверските можности.

Samsung очекува унапредените AI функции да го надминат нивото поставено од претходната генерација. Иако компанијата не наведува конкретни продажни цели, планот е да се надминат резултатите на серијата S25, чија продажба, според Counterpoint Research, пораснала за пет проценти во однос на S24.
Исто така, бројот на Galaxy уреди со активни AI функции треба да порасне од 400 милиони на дури 800 милиони во текот на оваа година.
Ро Тае-мун потврди и дека растот на цените на мемориските чипови и неповолните финансиски услови влијаеле врз зголемувањето на цената на серијата Galaxy S26, но нагласи дека корекциите биле неизбежни.
На крајот, Samsung и Google потврдија дека заеднички работат и на AI очила, чие претставување се очекува веќе оваа година, со што дополнително се проширува екосистемот на уреди базирани на новиот AI оперативен систем, пренесува MSN.



