Новите паметни нараквици пристигнуваат во две верзии, додека слушалките FreeBuds Pro 5 по кинеската премиера конечно стануваат достапни и на глобалниот пазар.
Huawei, покрај новиот Watch GT Runner 2, ја претстави и новата серија паметни нараквици Band 11, како и глобалната достапност на безжичните слушалки FreeBuds Pro 5, кои досега можеа да се купат исклучиво на кинескиот пазар.
Band 11 и Band 11 Pro
Паметните нараквици од серијата Band 11 доаѓаат во две верзии. Двете располагаат со 1,62-инчен AMOLED екран со резолуција од 286 × 482 пиксели, стапка на освежување од 60 Hz и поддршка за Always on Display (AOD). Моделот Band 11 Pro има благо закривен екран и поцврсто куќиште, со максимална осветленост од 2.000 нити, додека Band 11 достигнува нешто пониски 1.500 нити.
Двете верзии имаат куќиште од алуминиумска легура и водоотпорност од 5 ATM, што значи дека теоретски се соодветни и за пливање. Band 11 тежи само 17 грама, додека Pro верзијата има 18 грама без ремчето. Нараквиците се поврзуваат преку Bluetooth 6.0 и нудат автономија до 14 дена при лесно користење, односно до 8 дена при вообичаена употреба. Pro моделот има и вграден GNSS за следење активности без потреба од поврзување со мобилен телефон.

Band 11 и Band 11 Pro поддржуваат следење на повеќе од 100 спортски режими, како и мониторинг на витални функции како што се срцев ритам, заситеност на крвта со кислород, варијабилност на срцевиот ритам (HRV), сон и ниво на стрес.
Во однос на боите и цените, Band 11 е достапен во беж, зелена, виолетова, бела и црна боја по цена од 45 евра. Band 11 Pro може да се купи во зелена, сина и црна боја по цена од 60 евра. Двата модели ќе бидат достапни од 6 март.

FreeBuds Pro 5
FreeBuds Pro 5 започнуваат со меѓународна продажба откако во Кина беа претставени уште во ноември. Тие имаат двоен звучнички систем составен од 11-милиметарски звучнички единици во комбинација со микро-планарен високотонец. Ги придвижува Huawei-овиот Kirin A3 чип, со поддршка за унапредено адаптивно активно поништување на бучава (ANC), Bluetooth 6.0, како и AAC, SBC, LDAC и L2HC кодеци.
Слушалките имаат IP57 сертификат за отпорност, додека куќиштето поседува IP54 заштита. Според Huawei, автономијата изнесува до осум часа без вклучен ANC, односно до 33 часа со куќиштето за полнење.
Достапни се во златна, црна, бела и темносина боја по цена од 199 евра.

