По шпекулациите и укинувањето на одредени функции, Samsung конечно открива каква улога ќе има S Pen во идните Galaxy уреди.
По подолг период на неизвесност и нагаѓања околу судбината на S Pen пенкалото, Samsung Electronics за првпат јасно потврди дека оваа технологија останува еден од клучните елементи на Galaxy екосистемот. Причина за загриженоста кај корисниците беше потегот на компанијата со моделот Galaxy S25 Ultra да ја отстрани Bluetooth функционалноста од S Pen, додека Galaxy S26 Ultra, иако го задржува вградениот слот, не донесе позначајни унапредувања.
Во интервју за Bloomberg, по претставувањето на серијата Galaxy S26, оперативниот директор на одделот Samsung Mobile Experience, Won-Joon Choi изјави дека во компанијата активно се работи на следната генерација на S Pen технологијата. Според него, развојот оди во насока на „понапредна технологија во рамки на S Pen системот“, што би можело да бара целосно нова структура на екранот.

S Pen останува клучна технологија, но со нов пристап кон интеграцијата
Целта на овој пристап е намалување на компромисите што S Pen досега ги наметнува во однос на хардверскиот дизајн. Тоа првенствено се однесува на заземањето внатрешен простор поради слотот за пенкалото, потенцијалните ограничувања на капацитетот на батеријата и посложената компатибилност со магнетни додатоци и безжично полнење.
Samsung не изнесе технички детали, но формулацијата упатува на можност за редизајн на слоевите на екранот, потенок дигитајзер или поинаква интеграција на технологијата за препознавање на пенкалото. Се споменува и потенцијално подобро усогласување со стандардот Qi2, што би можело да реши дел од досегашните ограничувања.
Засега, Galaxy S26 Ultra останува на постојниот концепт на S Pen без враќање на Bluetooth функциите, што кај дел од корисниците создаде впечаток на постепено поедноставување. Сепак, според зборовите на Choi, Samsung не се откажува од S Pen концептот, туку го преиспитува и го подготвува за подлабоки хардверски промени.
Доколку промените навистина се случат на ниво на самата структура на екранот, нивниот ефект нема да биде видлив кај актуелната генерација, туку кај некој од идните Ultra модели.
