Официјално беше отворен MWC 2026 саемот: сите компании покажаа каква би можела да биде нашата иднина – роботска и водена од вештачката интелигенција
Известува: НИКОЛА БУРАГЕВ
БАРСЕЛОНА – Во Барселона беше отворен еден од најголемите технолошки настани во светот – Mobile World Congress (MWC), а од саемот пристигнуваат информации кои јасно покажуваат дека индустријата на мобилната технологија влегува длабоко во ерата на вештачката интелигенција, роботиката и мрежите од следната генерација. Ви носиме преглед на најважните трендови и новитети што доминираат на овогодишниот MWC.


Централна тема на саемот е интеграцијата на вештачката интелигенција во секојдневната употреба на мобилните уреди.
Компанијата Samsung ја претстави новата серија Galaxy S26 со напредни АИ-функции под заедничкиот назив Galaxy AI, каде фокусот е ставен на попаметно корисничко искуство, автоматизација на фотографијата и креативни алатки кои им овозможуваат на корисниците поедноставна обработка на содржини.

Големо внимание предизвикаа и иновациите на кинеските производители. Xiaomi ги претстави flagship моделите Xiaomi 17 и 17 Ultra, развиени во соработка со Leica, со акцент на врвни фотографски перформанси и премиум дизајн.

Во исто време, Honor го прикажа моделот Magic V6, еден од најтенките преклопни телефони на пазарот, но и концептуалниот „robot phone“ со камера поставена на подвижен механизам (гимбал) која го следи корисникот и го стабилизира снимањето.
Всушност, не станува збор само за камера – целиот систем е замислен така што камерата е „робот“ со кој разговарате, кој танцува на музика, се активира на допир на рака и се затвора, „заминува на спиење“, со гласовната команда „Bye, bye“.

Кинеската компанија ZTE настапи со решенија што ги спојуваат АИ и телекомуникациските мрежи. Претставени беа концепти на AI-native инфраструктура, напредни Wi-Fi 8 решенија, како и прототипи на 6G технологија, што го покажува правецот на развој на глобалната комуникациска индустрија.
На саемот особено се говори за иднината на поврзаноста и енергетски ефикасните мрежи. Huawei Technologies и оваа година најмногу е фокусирана на иницијативата Green 5.5G, нагласувајќи ја потребата од поголеми брзини на пренос на податоци со помала потрошувачка на енергија и поодржлива инфраструктура. Додека телефоните и другите уреди беа изложени без преголема промоција.

Аналитичарите во изјави за медиумите истакнаа дека овогодишниот MWC ја потврдува доминацијата на три клучни правци – како и секоја година, но сега во многу поголем обем и интеграција – и тоа: вештачката интелигенција, роботиката во потрошувачките уреди и развојот на мрежи од идната генерација.


Покрај традиционалното претставување на нови паметни телефони, саемот сè повеќе го доминираат платформи и софтверски услуги кои треба да ја дефинираат мобилната индустрија во наредната деценија. Cloud-решенија, сервери, квантни компјутери на какви што работи IBM и друго.
Организаторите очекуваат дека овогодишното издание на саемот ќе собере повеќе од сто илјади посетители од телекомуникацискиот и технолошкиот сектор.
