Qualcomm во Барселона го откри првиот Wi-Fi 8-ready чип, унапреден 5G модем и план за глобално воведување на 6G мрежа кон крајот на деценијата
Известува: НИКОЛА БУРАГЕВ
БАРСЕЛОНА – Qualcomm на саемот Mobile World Congress 2026 претстави низа мрежни новитети што ја дефинираат неговата стратегија за наредната деценија. Компанијата откри нов 5G модем, Wi-Fi 8-ready мрежен чип, како и амбициозен план за комерцијално воведување на 6G мрежи од 2029 година.
Меѓу претставените новитети се издвојува X105 5G модемот, петта генерација на Qualcomm 5G AI процесори. Новиот RF примопредавател носи 30% помала потрошувачка на енергија во однос на претходната генерација, со 15% помала површина на чипот, што директно значи поголема енергетска ефикасност кај идните Snapdragon паметни телефони.

Wi-Fi 8 и AI како основа на идната поврзаност
Уште позначаен потег е претставувањето на FastConnect 8800 мрежниот чип, кој е подготвен за Wi-Fi 8 стандардот. Во споредба со претходната Wi-Fi 7 генерација, FastConnect 8800 ги удвојува максималните брзини на пренос, задржувајќи го 6 nm производниот процес. Новиот 4×4 радио систем овозможува до три пати поголем домет на гигабитна врска во споредба со претходните стандарди.
Поддршката за Bluetooth 7.0 и Bluetooth HDT (High Data Throughput) дополнително ги подобрува перформансите на безжичната комуникација, со максимални брзини на пренос на податоци до 7,5 Mb/s, што е повеќекратно над ограничувањата на Bluetooth LE стандардот.

FastConnect 8800 пристигнува заедно со Dragonwing Wi-Fi 8 решение за IoT и бизнис примена, а комерцијалната достапност се очекува кон крајот на 2026 година.
6G мрежи планирани за 2029 година
Гледајќи уште подалеку во иднината, Qualcomm формираше стратешка коалиција со индустриски партнери со цел глобално лансирање на 6G мрежи почнувајќи од 2029 година. Компанијата наведува дека 6G ќе биде „AI-native“ инфраструктура, оптимизирана за напредни сервиси, широкопојасно вмрежување и високоперформансни пресметковни задачи.
Планот е стандардите и техничките спецификации за 6G да се дефинираат до 2028 година, што би овозможило почеток на оперативни комерцијални системи една година подоцна.

Иако деталите за конкретните примени сè уште се во рана фаза, јасно е дека Qualcomm веќе ги поставува темелите за транзиција кон следната генерација на глобална безжична инфраструктура, со силен фокус на интеграција на вештачката интелигенција во самата мрежна архитектура.


