Според најновите гласини, WhatsApp наскоро би можел да добие премиум претплатнички пакет наречен WhatsApp Plus, кој на корисниците би им понудил дополнителни можности за прилагодување на апликацијата.
Основната верзија на WhatsApp и понатаму ќе остане бесплатна за сите корисници, но оние кои ќе се одлучат да се претплатат на WhatsApp Plus ќе добијат одредени поволности.
Иако засега нема многу информации, порталот WABetaInfo открива дека претплатниците на WhatsApp Plus би можеле да ја менуваат темата, иконата на апликацијата и боите на корисничкиот интерфејс. Се споменува дека на почетокот изборот ќе биде ограничен на 14 нови икони за апликацијата, додека комбинациите на бои и елементи ќе бидат нешто побројни.

Покрај естетските промени, премиум верзијата би можела да донесе и некои практични подобрувања. Се наведува дека претплатниците би добиле можност да закачат до 20 разговори, наместо сегашните три што апликацијата ги поддржува. Исто така, би добиле и ексклузивни мелодии за ѕвонење, како и дополнителни елементи како специјални налепници.
Засега не е познато кога WhatsApp Plus би можел официјално да биде претставен, ниту колку би чинела претплатата.



