Вселенското летало DART, лансирано од американската вселенска агенција NASA, ја промени орбитата на бинарен астероид околу Сонцето, што претставува прв случај објект направен од човечка рака да предизвика таква промена.
Кога NASA во 2022 година намерно предизвика судир меѓу вселенско летало и астероидниот месечев објект Dimorphos, таа не само што ја промени орбитата на Dimorphos околу неговиот матичен астероид Didymos, туку и орбитата на двата објекти околу Сонцето, покажува ново истражување. Лабораторијата за млазен погон на NASA (JPL) соопшти дека ова „претставува првпат објект создаден од човек да ја промени мерливо траекторијата на небесно тело околу Сонцето“. Ова е охрабрувачки резултат во време кога научниците работат на изнаоѓање практичен метод за одбрана на Земјата од опасни вселенски објекти.
Мисијата Double Asteroid Redirection Test (DART) беше осмислена за да демонстрира еден можен начин за пренасочување на вакви објекти, таргетирајќи го месечевиот астероид Dimorphos, кој не претставува закана за нашата планета и има ширина од околу 170 метри. NASA брзо ја прогласи мисијата за успешна откако првичната анализа покажа дека планираниот судир ја скратил орбитата на Dimorphos околу Didymos, поголемиот од двата објекти во бинарниот астероиден систем.

Во последователна студија објавена во 2024 година, тим од Лабораторијата за млазен погон на NASA извести дека орбиталниот период на Dimorphos е скратен за околу 33 минути, бидејќи неговата патека се поместила приближно 36 метри поблиску до Didymos отколку претходно. Најновото истражување сега укажува дека влијание било извршено врз целиот бинарен систем, а не само врз Dimorphos.
Didymos и Dimorphos имаат орбитален период околу Сонцето од 770 дена. Главниот автор на студијата, Rahil Makadia, изјави дека тој период е променет за „околу 11,7 микрони во секунда, односно 3,7 сантиметри на час“. Иако тоа можеби не звучи многу, според Макaдија, „со текот на времето, толку мала промена во движењето на астероид може да направи разлика дали опасен објект ќе ја погоди или ќе ја промаши нашата планета“.



