Apple веќе со години ја намалува зависноста од Кина, па така сега е потврдено дека четвртина од сите нови iPhone се произведуваат во Индија.
Според нов извештај на Bloomberg, околу 25 проценти од сите нови iPhone уреди денес се произведуваат во Индија. Се проценува дека во текот на минатата година во Индија биле произведени околу 55 милиони iPhone уреди, додека една година претходно таа бројка изнесувала 36 милиони. Со тоа Индија за релативно краток период стана едно од клучните производствени центри за мобилните телефони на Apple.
Инаку, Apple започна со производство на iPhone во Индија во 2017 година со моделот iPhone SE, а веќе една година подоцна му се приклучи и iPhone 6s. Во почетокот целта беше да се заобиколат високите увозни царини што Индија ги наплаќа за уредите произведени во Кина, а ситуацијата во изминатите години дополнително се промени со растот на трговските тензии меѓу САД и Кина.

Оттогаш производството на iPhone во Индија постепено се зголемува, а компаниите Foxconn, Tata Electronics и Pegatron почнаа да ги склопуваат сите клучни модели на iPhone само неколку месеци по нивното претставување. Значаен чекор се случи со iPhone 15, кој стана првиот iPhone склопен во Индија и достапен на локалниот пазар уште од првиот ден на продажба.
За сето ова е свесна и индиската влада, која силно ја поттикнува локалната индустриска продукција преку различни државни програми и стимули. Исто така, сè повеќе аналитичари сметаат дека Индија наскоро би можела да стане главниот производствен центар на Apple за iPhone.
