Intel ги претстави процесорите Core Ultra 7 270K Plus и Core Ultra 5 250K Plus со повеќе јадра, поддршка за побрза DDR5 меморија и до 15% подобри гејминг перформанси.
Intel ги претстави новите десктоп процесори од серијата Intel Core Ultra 200S Plus, кои претставуваат освежена верзија на платформата Arrow Lake. Новите модели Intel Core Ultra 7 270K Plus и Intel Core Ultra 5 250K Plusносат повеќе јадра, побрза меморија и значително подобрување на перформансите.
Новите процесори добиваат дополнителни ефикасни јадра (E-јадра), па моделот Core Ultra 7 270K Plus сега има вкупно 24 јадра во конфигурација 8P + 16E. Core Ultra 5 250K Plus располага со 18 јадра во конфигурација 6P + 12E.
Arrow Lake Refresh носи повеќе јадра и побрза DDR5 меморија. Според Intel, новите модели нудат до 15% подобри гејминг перформанси во однос на постојните процесори од десктоп линијата Core Ultra 2. Во исто време, перформансите при multithreading можат да бидат и до 103% повисоки во споредба со конкурентски процесори во истиот сегмент.

Едно од поважните подобрувања е зголемувањето на „die-to-die“ фреквенцијата за до 900 MHz во споредба со претходните модели како Intel Core Ultra 7 265K и Intel Core Ultra 5 245K. Оваа врска меѓу CPU јадрата и контролерот на меморијата сега работи речиси 1 GHz побрзо, што ја намалува латенцијата на системот и ги подобрува перформансите во игрите.
Новата генерација процесори поддржува и побрза работна меморија, со официјална поддршка за DDR5-7200 MT/s, додека со соодветни BIOS профили може да се постигне и оверклок на меморијата до 8000 MT/s. Платформата добива и рана поддршка за новата 4-Rank CUDIMM меморија, која може да понуди до 128 GB капацитет по модул.
Една од поинтересните новини е Intel Binary Optimization Tool, технологија што го оптимизира извршувањето на инструкциите и може да ги подобри перформансите дури и кај апликации и игри кои првично биле оптимизирани за други x86 процесори или постари архитектури.

Новите процесори остануваат компатибилни со постојните матични плочи со Intel 800 серија чипсети, додека во текот на 2026 година се очекува појава на нови модели на плочи со дополнителна поддршка за напредни мемориски конфигурации.
Процесорите Core Ultra 7 270K Plus и Core Ultra 5 250K Plus ќе бидат достапни во продажба од 26 март 2026 година. Препорачаната почетна цена изнесува околу 299 долари за моделот 270K Plus и 199 долари за моделот 250K Plus, соопшти Intel.

