Родителите на WhatsApp ќе добијат можност за поголема контрола врз сметката на своето дете, благодарение на новата функција што постепено ќе стане достапна глобално.
WhatsApp претстави сметки за помлади тинејџери кои се под контрола на родителите. Станува збор за функција што постепено се воведува на глобално ниво и носи нови алатки кои ја ограничуваат употребата на WhatsApp само на испраќање пораки и телефонски повици.
„Родителите ќе треба да имаат мобилен телефон купен за членот на семејството и свој уред, кои ќе ги постават еден до друг за да ги поврзат сметките. По поставувањето, сметката ќе биде под контрола на родител или старател, кој ќе може да одлучи кој може да контактира со таа сметка и во кои групи корисникот може да се приклучи. Дополнително, родителите ќе можат да ги прегледуваат барањата за пораки од непознати контакти и да управуваат со поставките за приватност на сметката“, соопштија од WhatsApp.

За активирање на родителска контрола, потребно е да се инсталира WhatsApp на уредот на детето и при креирање на сметката да се избере опцијата „Create a parent-managed account“ во менито „More options“. По регистрацијата и потврдата на бројот на детето, родителот внесува датум на раѓање на детето и скенира QR-код за да ја поврзе сметката на детето со својата, по што поставува шестцифрен PIN.
„Новите родителски контроли и поставки се заштитени со родителски PIN на управуваниот уред. Само родителите можат да пристапат и да ги менуваат поставките за приватност, што им овозможува да го прилагодат корисничкото искуство според потребите на своето семејство“, истакнуваат од WhatsApp.



