Станува збор за уште една апликација која нуди преглед на информации за батеријата вградена во паметниот телефон, вклучувајќи податоци за нејзината состојба, но клучната предност е тоа што прикажува и проширени информации во реално време додека се полни паметниот телефон.
Повеќето паметни телефони веќе имаат вграден преглед на податоците за батеријата и начинот на кој таа се користи, но за повеќе информации и дополнителни можности, вреди да се користат алтернативни апликации. Токму една таква е OneBattery, која не само што нуди детално следење на состојбата на батеријата, туку и проширени информации кои поретко можат да се видат.
Една од главните функции е прозорецот кој се појавува кога паметниот телефон ќе се приклучи на полнач (Always-On Display). На него во реално време се прикажува процентот на наполнетост, проценето време до целосно полнење, како и брзината на полнење на самиот телефон, што овозможува да се провери колку е ефективен користениот полнач. За дополнителна погодност, овој екран може да се прилагоди според личниот вкус.

Апликацијата прикажува и низа други информации како што се следење на температурата и напонот на батеријата, преглед на потрошувачката на енергија за последните 24 часа или дури до 10 дена наназад, следење на време на вклучен и исклучен екран (SoT), преглед на самата здравствена состојба на батеријата и други детали.
Може да се поставуваат и известувања за одредени нивоа на наполнетост на батеријата, што помага да се избегне преладување и да се продолжи животниот век на батеријата, да се користат различни анимации при полнење, сè оптимизирано за уреди со AMOLED екрани, како и други ситници и детали.
Кратко кажано, за оние кои бараат добро осмислен дијагностички алат за батеријата на својот паметен телефон, ова е апликација која вреди да се проба. Бесплатната верзија е малку ограничена, а за сите можности е потребна претплата на Pro изданието кое чини 5,99 € годишно, 0,59 € месечно или 6,49 € еднократно.

