Покрај претставувањето на преклопниот флегшип Find N6, Oppo лансираше и нов часовник – Oppo Watch X3. Станува збор за кружен часовник кој ја надградува формулата на Watch X2 од минатата година – со потенко куќиште и додаден континуиран мониторинг на гликоза.
X3 е изработен од TC4 титаниумска легура, која се користи во воздухопловната индустрија и во медицински апликации за импланти, благодарение на одличната отпорност на корозија. Редизајнираната нараквица има „бамбус зглобови“ – метални конектори меѓу сегментите од флуорогума.
Екранот е заштитен со сафирно стакло со тврдина од „8+“ според Mohs скалата (сафирот обично се оценува со 9). Самиот дисплеј е 1.5-инчен LTPO OLED панел со резолуција од 466 x 466 пиксели, како и минатата година. Новиот екран е 36% посветол и достигнува максимални 3.000 нити (наместо 2.200 нити).
Oppo тврди дека Watch X3 е 16% полесен и 6.4% потенок од претходникот. Поточно, часовникот има дијаметар од 47.4 мм, дебелина од 11.0 мм и тежина од 43 г. За споредба, Watch X2 имаше дијаметар од 47.6 мм, дебелина од 11.8 мм и тежина од 49.7 г.

Намалувањето на димензиите не влијаело на батеријата – капацитетот од 646 mAh е практично ист како лани. Издржува до 3 дена при интензивна употреба, 5 дена при нормална употреба и до 16 дена во режим за штедење енергија. Батеријата се полни со 7.5W и достигнува 100% за 75 минути, додека 10-минутно полнење е доволно за 24 часа користење.
Новото куќиште не влијае ниту на издржливоста – часовникот има 5ATM водоотпорност, IP68 сертификат, а сега и IP69 (заштита од млазови вода под висок притисок).
Подобрениот сет на сензори вклучува мерач на гликоза, кој обезбедува податоци во реално време и предупредува за неправилности. Часовникот може да го следи и крвниот притисок и да го процени ризикот од хипертензија.

Ова е надополнето со функциите од X2, како ЕКГ, следење на васкуларно здравје, срцев ритам и кислород во крвта, анализа на квалитет на сон со детекција на апнеа и сензор за температура на кожата.
Како и обично, Oppo Watch X3 нуди над 100 спортски режими. Мери VO2 Max, лактатен праг, време на опоравување, ефект од аеробен тренинг, стапка на опоравување на срцевиот ритам и има AI тренер. За прецизно позиционирање при активности на отворено се користат dual-band GPS (L1+L5), BeiDou, Galileo и GLONASS.
Во однос на поврзувањето, часовникот поддржува 4G (eSIM), dual-band Wi-Fi и Bluetooth 5.2. Достапен е и NFC за картички за пристап и јавен превоз, но деталите за глобалната верзија сè уште не се познати.

Според официјалните спецификации, часовникот работи на Snapdragon W5 чипсет, но не е јасно дали станува збор за оригиналната верзија или поновиот W5 Gen 2.
Oppo Watch X3 моментално е достапен за преднарачка преку онлајн продавницата на Oppo во Кина, во бои Global Star Orange, Gravity Black и Infinite Titanium. Верзијата Gravity Black има класична флуорогума нараквица, додека другите две користат „бамбус“ дизајн.
Тоа значи и пониска цена за Gravity Black – 2.600 јуани редовно, односно 2.210 јуани во раниот продажен период. Останатите две верзии чинат 2.800 јуани, односно 2.380 јуани при преднарачка. Продажбата официјално започнува на 20-ти, а детали за глобалното лансирање допрва ќе бидат објавени.

