Официјалната апликација WhatsApp е достапна за корисниците на одредени Garmin паметни часовници и може бесплатно да се преземе преку продавницата Garmin Connect IQ.
WhatsApp е популарна платформа за комуникација, а новата апликација им овозможува на корисниците да читаат и одговараат на пораки, да испраќаат емотикони и да ја прегледуваат историјата на разговорите.
Апликацијата исто така им овозможува на корисниците да прифатат или одбијат дојдовни повици кои доаѓаат преку оваа платформа, и сето тоа без потреба од користење смартфон. Како што може и да се очекува од WhatsApp, пораките и понатаму се заштитени со end-to-end енкрипција.

Сепак, апликацијата WhatsApp не е достапна за секој Garmin часовник. Таа е компатибилна со одредени модели од сериите Forerunner, Venu, Vivoactive и Fenix, а продавницата Connect IQ може да утврди дали конкретен модел ја поддржува апликацијата.
Ова е само уште една во низата платформи за паметни часовници што добија WhatsApp. Meta кон крајот на минатата година лансираше верзија за Apple Watch, а претходно корисниците на Apple Watch мораа да се потпираат на пресликување (mirroring) на известувањата од iPhone за да можат да одговараат на WhatsApp пораки директно од уредот.



