Покрај иновативната Privacy Display функција, Galaxy S26 Ultra донесува и напреден Galaxy AI со „agentic“ функции, Snapdragon 8 Elite Gen 5 чип, унапредени камери за посветли фотографии и 60W брзо полнење за целодневна автономија
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Во последните неколку години Ultra серијата на Samsung се позиционира како врв на Android екосистемот – смартфони кои комбинираат најмоќен хардвер, врвни камери и технологии што често први се појавуваат токму во Galaxy линијата. Со новиот Galaxy S26 Ultra, компанијата Samsung продолжува со истата стратегија, но овојпат става посебен акцент на приватноста на корисниците и на интеграцијата на вештачката интелигенција во секојдневното користење на телефонот.
Иако на прв поглед можеби не делува како целосна визуелна трансформација во однос на минатогодишниот модел, под „хаубата“ се кријат сериозни хардверски и софтверски унапредувања. Од иновативниот екран кој ја штити приватноста на корисникот, преку значително пошироките отвори на блендата кај камерите, па сè до „Agentic AI“ функциите, S26 Ultra го оправдува новиот прекар на Samsung за оваа серија – AI телефони. Во продолжение следува детална рецензија за тоа што навистина нуди Galaxy S26 Ultra и дали станува збор за вистински чекор напред.

Дизајн и искуство на користење
Galaxy S26 Ultra го задржува препознатливиот дизајн на Ultra серијата, со големо куќиште и премиум материјали. Интересна промена оваа година е изборот на материјал за рамката на телефонот. Додека претходниот модел, Galaxy S25 Ultra, користеше титаниумска рамка како дел од премиум позиционирањето на уредот, кај Galaxy S26 Ultra Samsung повторно се враќа на алуминиумска рамка.
Иако титаниумот нуди поголема цврстина, алуминиумот овозможува намалување на тежината и подобро управување со топлината. Како резултат на тоа, Galaxy S26 Ultra е малку полесен и подобро балансиран при користење, што се чувствува во секојдневната употреба. Предната и задната страна се покриени со зајакнато стакло, а уредот има и IP68 сертификат за отпорност на вода и прашина. Квалитетот на изработка е на високо ниво и телефонот остава впечаток на цврст и луксузен уред.

Како и кај претходните Ultra модели, Galaxy S26 Ultra доаѓа со интегриран S Pen стајлус. Оваа карактеристика го прави телефонот особено корисен за белешки, цртање и продуктивна работа, а за многу корисници токму S Pen е една од главните причини за избор на Ultra серијата.
Револуција на приватноста: Првиот „Privacy Display“ во светот
Екранот на Galaxy S26 Ultra е 6,9-инчен Dynamic AMOLED панел со резолуција од 3120 × 1440 пиксели и адаптивна стапка на освежување до 120 Hz. Како и кај претходните генерации, Samsung успева да понуди исклучително светол и контрастен дисплеј со одлична репродукција на бои, што го прави еден од најдобрите екрани на пазарот.
Една од апсолутно најголемите хардверски иновации ексклузивни за Galaxy S26 Ultra е интегрираниот Privacy Display (екран за приватност) на масивниот панел од 6.9 инчи. За разлика од S25 Ultra, кој го немаше ова, новиот екран користи Flex Magic Pixel технологија која драстично ја намалува видливоста на екранот од агли.
При агол на гледање од 45 степени, осветленоста паѓа на само 3.5%, додека на 60 степени изнесува помалку од 0.9%, што значи дека луѓето околу вас (на пример во превоз) нема да можат да ги видат вашите приватни пораки или банкарски податоци. Оваа функција можете да ја вклучите по потреба преку брзите поставки, додека конкурентските традиционални OLED екрани задржуваат околу 40% осветленост при истите агли.
Технологијата функционира преку специјален слој во дисплејот кој ја контролира насоката на светлината. Наместо светлината да се шири под широк агол како кај класичните OLED панели, Privacy Display ја насочува кон корисникот. На тој начин, ако некој се обиде да го погледне телефонот од страна – на пример во автобус, авион или канцеларија – ќе види многу помалку детали. Samsung ја промовира оваа функција како важен чекор кон заштита на приватноста во дигиталниот свет, каде што сè повеќе луѓе користат телефони за чувствителни информации како електронско банкарство, деловни документи или лични пораки.

Сепак, токму оваа технологија предизвика и најмногу дискусии меѓу рецензентите. Дел од корисниците забележуваат дека во одредени ситуации екранот може да изгледа помалку остар или дека текстот изгледа благо заматен. Ова се случува затоа што слојот што ја контролира светлината понекогаш влијае на начинот на кој пикселите се перцепираат од окото.
И покрај овие забелешки, во најголем дел од сценаријата екранот останува импресивен. Гледањето HDR видеа, играњето игри и користењето апликации изгледаат одлично, а високата осветленост овозможува телефонот да се користи без проблем и на силна сончева светлина.
Перформанси
За разлика од основните модели S26 и S26+, кои во повеќето региони користат Exynos 2600, Galaxy S26 Ultra глобално доаѓа исклучиво со прилагодениот Snapdragon 8 Elite Gen 5 for Galaxy чипсет. Во споредба со Snapdragon 8 Elite чипот во S25 Ultra, новиот процесор носи импресивни 19% побрз CPU, 24% помоќен GPU и дури 39% побрз NPU задолжен за вештачка интелигенција. Во комбинација со до 16 GB RAM, системот работи исклучително брзо и без забележливи забавувања.

Апликациите се отвораат речиси инстантно, мултитаскингот е флуиден, а дури и најзахтевните игри работат без проблем со највисоки графички поставки. Подобрената графичка обработка и новите AI компоненти овозможуваат и понапредни функции како интелигентно уредување фотографии и автоматска обработка на видеа. При секојдневна употреба, перформансите на телефонот се меѓу најдобрите што може да се најдат кај Android уред.
За да се справи со топлината, Samsung вгради редизајнирана парна комора (Vapor Chamber) која нуди 21% подобра ефикасност на ладење во однос на S25 Ultra, обезбедувајќи стабилност при играње игри и мултитаскинг.
Батерија и полнење
Samsung со години се држеше до лимит од 45W, но Galaxy S26 Ultra носи олеснување – надграден е на 60W брзо полнење (Super Fast Charging 3.0). Според официјалните тестови, сега е можно телефонот да се наполни од 0 до 75% за само 30 минути, што е огромно подобрување.
Сепак, капацитетот на батеријата останува на, за многумина конзервативни 5000 mAh. Иако нема зголемување на капацитетот, подобрувањата во енергетската ефикасност на процесорот и оптимизациите во софтверот овозможуваат солидна автономија. Во типична употреба телефонот без проблем издржува цел ден активна работа, а при умерено користење може да трае и повеќе од еден ден. Ова го прави сигурен избор за корисници кои често се во движење.

Камери
Samsung го задржа познатиот систем со четири камери, но со клучни хардверски измени на главниот сензор од 200 MP и телефото сензорот од 50 MP (5x оптички зум). Отворот на блендата на главната камера е зголемен од f/1.7 (кај S25 Ultra) на f/1.4, додека кај 5x телефото камерата е зголемен од f/3.4 на f/2.9. Ова во пракса значи околу 47% повеќе светлина за главниот сензор и 37% повеќе за телефото, што директно носи драстични подобрувања во Nightography (ноќниот) режим и помал шум во услови на слабо осветлување.
Нашите тестови покажаа забележлива разлика во обработката на фотографиите. Додека S25 Ultra тежнееше кон нешто „порамни“ и потемни тонови со непотребно осветлување на сенките, S26 Ultra носи поживи, поприродни бои со подобар контраст кој не делува вештачки. Samsung со Galaxy S26 Ultra всушност ја пронајде совршената средина во обработката на фотографиите.
Додека другите делови од системот добија барем некаква промена, 3x телефото камерата доживеа извесно назадување. Вграден е помал сензор (1/3.94″), типичен за основните модели од S серијата уште од генерацијата S22. Иако хардверските апликации прикажуваат ново име на сензорот (3LD), тој и понатаму испорачува фотографии од 12 MP (преку интерполација од нативни 10 MP), што веќе со години е стандарден трик на Samsung.
Ултрашироката камера од 50 MP останува идентична како минатогодишната, односно солидна. Од друга страна, селфи камерата го задржува истиот сензор, но со поширок објектив од 23 mm, што го олеснува креирањето групни автопортрети.
Кога станува збор за 5x телефото камерата, Samsung по неколку години, се чини, ја напушти перископ архитектурата. За разлика од S25 Ultra, кој користи перископ леќа (каде призмата ја прекршува светлината под агол од 90° за да се заштеди простор), S26 Ultra преминува на традиционален дизајн. Во овој систем, елементите на леќата и сензорот се поставени паралелно со куќиштето на телефонот.
Ноќните фотографии се значително подобрени благодарение на напредната обработка на сликата, а видео снимањето нуди стабилизација и квалитет што го прави телефонот атрактивен и за креатори на содржини. Исто така, S26 Ultra е првиот Galaxy уред кој поддржува APV видео кодек на професионално ниво.

Софтвер и Galaxy AI
Galaxy S26 Ultra доаѓа со најновата верзија на Android и One U 8.5 интерфејсот, но вистинската приказна овде е развојот на Galaxy AI – систем на функции базирани на вештачка интелигенција кои Samsung ги интегрира во речиси секој дел од корисничкото искуство. One UI 8.5 носи напредни AI алатки, а многу од нив се значително надградени во однос на минатата година:
Audio Eraser сега функционира и во апликации од трети страни (како YouTube, Instagram и Netflix), овозможувајќи ви со еден потег да ја намалите бучавата од ветер или сообраќај во позадината на снимките.

Circle to Search е унапреден, па наместо да заокружувате еден по еден објект, сега можете да заокружите цела група предмети одеднаш и да добиете информации за сите нив истовремено.
Bixby асистентот сега може директно да ги менува поставките врз основа на вашите барања, наместо само да ве пренасочува кон менито на телефонот.
AI Call Screening: Слично како во iOS 26 екосистемот, S26 Ultra носи автоматско филтрирање на сомнителни повици, при што AI од непознати броеви бара да го потврдат својот идентитет пред да ве вознемират.
Дополнително, новата Generative Edit опција сега поддржува обемни проверки и модификации на слики врз основа на чист текстуален внес – можете дури и да го додадете Млечниот Пат на вашата ноќна фотографија.

Заклучок
Samsung Galaxy S26 Ultra е еден од најкомплетните премиум смартфони на пазарот. Тој комбинира моќен хардвер, одлични камери, долг век на батеријата и голем дисплеј што е идеален за мултимедија и продуктивност.
Во споредба со S25 Ultra, Galaxy S26 Ultra не претставува само уште едно хардверско освежување, туку јасен чекор напред. Подобрената пропустливост на светлината кај камерите носи значително поквалитетни фотографии, новиот Snapdragon процесор драстично ги унапредува AI капацитетите, а преминот на 60W брзо полнење конечно одговара на очекувањата на корисниците. Сепак, најголемата иновација е Privacy Display – решение кое конкуренцијата во моментов не го нуди на хардверско ниво. Оваа функција претставува вистинска револуција во областа на приватноста и важен чекор кон побезбедно користење на мобилните уредите, иако не помина без поделени мислења кај корисниците.
Токму комбинацијата од овие подобрувања го позиционира Galaxy S26 Ultra како смартфон што поставува нови стандарди за деловна приватност и паметна интеграција на технологијата во секојдневието, со што новиот флегшип модел во понудата на Samsung останува еден од најдобрите Android уреди што може да се купат во 2026 година и достоен наследник на Ultra серијата.

Оценка: 



(5/5)
Препорачани цени: 86.999 денари 256 GB + 12 GB), 98.999 денари (512 GB + 12 GB)
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Galaxy S26 Ultra |
|
| Екран | 6,9 инчи* QHD+ Динамичен AMOLED 2X Екран 120Hz адаптивна стапка на освежување (1~120Hz) Vision booster |
| *Измерено дијагонално, големината на екранот на Galaxy S26 Ultra е 6,9 инчи како целосен правоаголник и 6,7 инчи без заоблените агли; реалната површина за гледање е помала заради заоблените агли и отворот за камерата. | |
| Димензии и Тежина | 78,1 х 163,6 х 7,9mm; 214g * Тежината може да варира во зависност од земјата или регионот. |
| Камера | 50MP Ултра-Широка Камера
200 MP Широка Камера
50MP Телефото Камера
10MP Телефото Камера
12MP Предна камера
* Зумот со оптички квалитет е овозможен од Adaptive Pixel сензорот. 3x и 5x дистанците се оптички зум. 2x и 10x дистанците се зум со оптички квалитет. |
| AP | Snapdragon® 8 Elite Gen 5 за Galaxy |
| Меморија и простор за складирање | 16GB + 1TB 12 + 512GB 12 + 256GB |
| *Опциите за простор за складирање и достапноста може да варираат во зависност од добавувачот, земјата и регионот. Реалниот достапен капацитет за складирање зависи од претходно инсталираниот софтвер. *Можноста за меморија може да варира во зависност од пазарот. |
|
| Батерија | 5.000 mAh |
| *Типична вредност тестирана во лабораториски услови од трета страна. Типичната вредност е естимирана просечна вредност имајќи ја предвид девијацијата во батерискиот капацитет помеѓу примероците батерии тестирани под стандардот IEC 61960. Оценетиот (минимален) капацитет е 4,855mAh. Реалниот век на батеријата може да варира во зависност од мрежната средина, корисничките навики и други фактори. ** Реалниот век на батеријата варира од мрежната средина, функциите и апликациите кои се користат, фреквенцијата на повици и пораки, бројот на полнења и многу други фактори. |
|
| Полнење* | Полнење со кабел *: До 75% наполнета батерија за 30 минути со адаптер од 60W**Супер брзо безжично полнење***
Wireless PowerShare**** |
| *Полнење со кабел компатибилно со QC2.0 и AFCPD. | |
| **Адаптерот за полнење се продава засебно. Употребувајте само кабли и полначи одобрени од Samsung. | |
| ***Безжично полнење компатибилно со WPC. | |
| ****Ограничено на Samsung или други брендови паметни телефони со Qi безжично полнење, како Galaxy Z TriFold, S25 FE, Z Fold7, Z Flip7, S25 серија, S24 FE, Z Fold6, Z Flip6, S24 серија, S23 FE, Z Fold5, Z Flip5, S23 серија, Z Fold4, Z Flip4, S22 серија, Z Fold3 5G, Z Flip3 5G, S21 FE 5G, S21 серија, Z Fold2, Note20 серија, S20 серија, Z Flip, Note10, Note10+, S10e, S10, S10+, Fold, S9, S9+, S8, S8+, S8 Active, S7, S7 edge, S7 Active, S6, S6 edge, S6 Active, S6 edge+, Note9, Note8, Note FE and Note5. Достапно само за одредени Samsung Galaxy уреди за носење како Galaxy Buds3 Pro, Buds3, Buds2 Pro, Buds2, Buds Pro, Buds Live, Watch8 Classic, Watch8, Watch Ultra, Watch7, Watch6, Watch6 Classic, Watch5, Watch 5 Pro, Watch4, Watch4 Classic, Watch3, Watch Active2, Watch Active, Gear Sport, Gear S3, Galaxy Watch and Galaxy Buds. Доколку батеријата е полна 30% или помалку, Wireless PowerShare функцијата може да не функционира. Може да не функционира со одредени додатоци, навлаки, уреди од други брендови или некои Samsung уреди за носење. За време на PowerShare, може да влијае на примање на повик или услуги со проток на податоци, во зависност од мрежната средина. | |
| Оперативен систем (OS) | Android 16 One UI 8.5 |
| Мрежа и поврзаност | 5G*, LTE**, Wi-Fi 7***, Wi-Fi Direct Bluetooth® v 6.0 |
| *Потребна е оптимална 5G мрежна поврзаност, достапна на одредени пазари. Проверете со продажниот партнер за достапност и детали. Брзините за симнување и стриминг може да варираат во зависност од провајдерот на содржини, поврзаноста на серверот и други фактори. **Достапноста на LTE модел варира во зависност од пазарот и продажниот партнер. Реалната брзина може да варира во зависност од пазарот, операторот и корисничката средина. ***Wi-Fi 7 мрежната достапност може да варира во зависност од пазарот, мрежниот провајдер и корисничката средина. Потребна е оптимална конекција. Потребен е Wi-Fi 7 рутер. |
|
| Отпорност на вода | IP68 |
| *На основа на лабораториски тест услови за потопување во до 1,5 метри свежа вода до 30 минути. Без навлегување на прашина; целосна заштита од контакт (непропустливо за прашина). Отпорноста на уредот во вода и прашина не е трајна и може да се намали со текот на времето поради нормално абење. | |





















