Извршниот директор на Apple, Тим Кук изјави дека Mac ја имал „најдобрата недела на лансирање досега кај корисници кои првпат купуваат Apple компјутер“, што сугерира дека новиот MacBook Neo е голем хит меѓу купувачите кои го купуваат својот прв лаптоп или преминуваат од Windows.
Новиот најповолен лаптоп на Apple, MacBook Neo е распродаден недели однапред. Поради огромната побарувачка, Mac бележи рекордна продажба и ѝ се заканува на доминацијата на Windows и Chromebook во клучниот ценовен сегмент. Се чини дека Apple ги продава своите достапни MacBook уреди побрзо отколку што може да ги произведе. MacBook Neo за нешто повеќе од една недела од излегувањето на пазарот предизвика побарувачка која е потипична за лансирање на iPhone отколку за Mac компјутери. Поради неочекуваниот успех, целата Mac дивизија бележи историски резултати, потврдувајќи ја исправноста на новата стратегија на Apple.
Според податоците од 20 март, сите осум модели на MacBook Neo се распродадени преку онлајн продавницата на Apple во САД, со рокови за испорака кои се протегаат длабоко во април. Секој модел, без разлика на бојата (сребрена, розова, цитрус и индиго) или конфигурацијата (256 GB или 512 GB), прикажува проценето време на испорака помеѓу 6 и 13 април.

Ова значи чекање од две до три недели за производ кој штотуку пристигна на пазарот, што јасно укажува дека побарувачката далеку ги надминала почетните залихи. Ситуацијата не е многу подобра ниту во физичките продавници, каде достапноста на одредени модели варира од локација до локација, а некои конфигурации имаат рок за преземање дури во средината на април.
Рекорден почеток на продажба и покрај компромисите
Успехот на MacBook Neo не е случаен. Извршниот директор, Тим Кук изјави дека Mac забележал „најдобра недела на лансирање досега за нови корисници на Mac“, што во голема мера се припишува токму на овој модел. Со почетна цена од 600 долари во САД и 700 евра во Европа, MacBook Neo е најевтиниот лаптоп што Apple некогаш го понудил.
Таа цена, да потсетиме, е постигната со низа хардверски компромиси. Го напојува A18 Pro чип, инаку наменет за iPhone, а не M-серијата чипови. Покрај тоа, основниот модел доаѓа без позадинско осветлување на тастатурата, има механички тракпад наместо Force Touch технологија и ограничен е на два USB-C приклучоци, од кои едниот е сведeн на USB 2.0 брзини. Touch ID е резервиран само за поскапиот модел со 512 GB простор за складирање.

И покрај овие недостатоци, се чини дека стратегијата на „приоритет на пазарниот удел пред премиум цена по уред“ е полн погодок. Аналитичарите од TrendForce предвидуваат дека Neo би можел да му помогне на Apple да ги зголеми испораките на лаптопи за 7,7 % во 2026 година, потенцијално зголемувајќи го пазарниот удел на macOS на 13,2 %.
Со овој потег, Apple директно го напаѓа сегментот на пазарот помеѓу 500 и 800 евра, со кој традиционално доминираат Windows лаптопите и понапредните Chromebook уреди. Според извештајот на порталот 9to5Mac, проблемите со снабдувањето би можеле да продолжат бидејќи производството првично е доверено на само еден добавувач, компанијата Quanta. Се очекува Foxconn и Luxshare наскоро да се приклучат во синџирот на снабдување за да се задоволи огромната побарувачка.

