Популарната апликација AccuWeather отсега ги нуди своите услуги и преку ChatGPT.
AccuWeather им предлага на корисниците да му поставуваат прашања на ChatGPT како што се: „Кога е најдобро време денес попладне за трчање со најпријатни временски услови?“ или „Дали ќе врне дожд за време на мојот планиран одмор овој викенд?“, но секако, секогаш постои опцијата едноставно да ја проверите временската прогноза за да ги добиете бараните одговори. Сепак, од повеќе информации глава не боли.
Откако ќе ја поврзете апликацијата AccuWeather со вашиот ChatGPT профил, на прашањата поврзани со временската прогноза ќе се одговара преку интерактивен модул за временска прогноза. Достапните информации вклучуваат MinuteCast, RealFeel и RealFeel Shade.

„Со лансирањето на својата апликација во ChatGPT, AccuWeather го проширува својот глобален досег и обезбедува прогнозите и предупредувањата да бидат достапни таму каде што милиони луѓе веќе користат алатки базирани на вештачка интелигенција. AccuWeather повеќепати е потврден како статистички најточен извор на временски прогнози и предупредувања. Сега можете да се поврзете со AccuWeather и во ChatGPT“, соопштија од компанијата.
Ова не е првпат AccuWeather да ја прилагодува својата услуга на нови технологии. Уште во 2017 година компанијата лансираше апликација за виртуелна реалност за Samsung Gear VR очилата.

