Мала количина антиматерија претходно оваа седмица беше транспортирана, што претставува првпат најскапата, најнепредвидлива и најретка супстанца во светот да биде преместена. Со тоа се овозможи проучување на оваа недостижна материја.
Всушност, станува збор за антиматерија, која е огледална слика на обичната материја. Имено, има спротивен електричен полнеж и обратни субатомски својства. Кога материјата и антиматеријата ќе дојдат во контакт, тие меѓусебно се поништуваат (анихилираат) и исчезнуваат во блесок од енергија.
Поради тоа, антиматеријата е во центарот на една од најголемите мистерии на универзумот: Големата експлозија (Биг Бенг) требало да создаде еднакви количини материја и антиматерија, што би довело или до универзум во кој воопшто нема материја поради целосна анихилација, или универзум со еднакви количества материја и антиматерија.
Универзумот се состои од материја, но речиси и да нема антиматерија, која природно се создава само во мали количини, како резултат на радиоактивно распаѓање и судири на космички зраци.
Физичарите овој проблем го нарекуваат асиметрија на материја и антиматерија. Тековната теорија е дека материјата настанала во мал вишок во однос на антиматеријата — само една дополнителна честичка материја на милијарда честички антиматерија. Останува непознато зошто е тоа така.

Проучувањето на антиматеријата може да им помогне на научниците да ја разберат природата на оваа асиметрија, но тоа не е лесно изводливо. Инструментите за создавање антиматерија произведуваат пречки (интерференција), кои го отежнуваат нејзиното проучување. Транспортот на антиматеријата подалеку од овие пречки би им овозможил на научниците попрецизно да ги мерат овие супстанци.
„Овие мерења треба да ги гледате како нешто што, во извесна смисла, е слично на микроскопија“, изјави Стефан Улмер, физичар во Европската организација за нуклеарни истражувања, позната како CERN.
Транспортот на антиматеријата беше извршен во објектите на CERN во близина на Женева, на локацијата на најголемата лабораторија за физика на честички во светот.
„Постројката во која работиме создава флуктуации. Тоа е малку како да гледате низ микроскоп, а предметот што го набљудувате вибрира, па сликата станува заматена. Со транспорт на честичките надвор од тоа опкружување ќе добиеме многу појасна слика“, истакна Улмер.
Според неговите зборови, камионот превезол драгоцен товар по рута долга 10 километри во рамките на CERN, што траело 30 минути, при што достигнал максимална брзина од 47 километри на час.
Во камионот имало специјално конструиран контејнер, тежок 800 килограми и висок речиси 1,80 метри, а во него успешно бил пренесен товар од 92 антипротони, пишува CNN.



