Цената на DDR5 меморијата изненадно падна и до 29%, но аналитичарите сметаат дека не станува збор за вистински пад на побарувачката, туку за краткорочен пазарен ефект.
На американските платформи за онлајн купување како Amazon и Newegg, е забележан ненадеен пад на цените на DDR5 мемориите, кој во некои случаи достигнува и до 29%, што го отвори прашањето дали станува збор за вистински пресврт или само привремена корекција.
Главниот поттик за оваа промена е новата технологија TurboQuant претставена од Google. Таа овозможува мемориските барања во фазата на донесување одлуки и заклучоци кај AI моделите да се намалат на само една шестина, при што истовремено се зголемува брзината на обработка и до осум пати.
TurboQuant предизвика синџирна реакција на пазарот на мемории
Таквата најава предизвика загриженост дека вкупната побарувачка за мемории би можела значително да се намали, што доведе до брза реакција на пазарот. На пример, Corsair DDR5 32GB 6400 китот падна од околу 490 долари на приближно 380 долари, додека и други производители забележаа слични корекции на цените.

Сепак, аналитичарите сметаат дека ова не е вистински пад на побарувачката, туку краткорочна реакција на дистрибутерите и трговците кои ги намалуваат залихите поради неизвесност. Клучната работа е дека TurboQuant влијае само на делот од процесот што се однесува на донесување заклучоци, додека потребите за меморија во фазата на тренирање на AI моделите, особено за HBM меморија, остануваат и понатаму високи.
Според проценките на инвестицискиот фонд Morgan Stanley, поголемата ефикасност може дури и да ја зголеми вкупната побарувачка. Пониските трошоци овозможуваат поширока примена на AI системите, што долгорочно може да генерира уште поголема потреба за меморија.
Треба да се има предвид и поширокиот контекст: растот на цените на DRAM и NAND мемориите во последните месеци беше екстремен, со скокови и до 260% во краток период, пред сè поради огромната побарувачка од AI дата центри.
Поради тоа, моменталниот пад на цените на DDR5 меморијата делува повеќе како „испуштање на притисок“ отколку како промена на трендот. За корисниците кои планираат да склопат компјутер, ова е секако позитивен момент, но долгорочно гледано, притисокот врз цените на мемориите веројатно сè уште не е завршен.



