Новата опција за споделување фајлови со уредите на Apple се појавува во Quick Share кај постарите Samsung флeгшип модели, но функционалноста сè уште не е достапна за сите.
Поддршката за AirDrop на Android уреди, барем во одредена форма, сè повеќе се приближува до поширок круг на корисници. Според бројни објави на корисници на форуми, Samsung постепено воведува можност за споделување датотеки со Apple уреди преку функцијата Quick Share.
Како што неодамна пишувавме, засега оваа опција е официјално достапна на серијата Galaxy S26, која користи стабилна верзија на One UI 8.5. Сепак, многу сопственици на постари Galaxy S модели, вклучувајќи ги и нешто постарите серии S25, S24, S23 и S22, пријавуваат дека им се појавила нова опција „Share with Apple devices“ во поставките.

Но, и покрај тоа, функционалноста сè уште не е целосно активна. Иако опцијата е видлива во менито, таа не работи кај сите корисници, што укажува на ограничено или тестно воведување. Поголемиот дел од корисниците кои ја забележале ја користат One UI 8.5 бета верзијата, додека некои сè уште се на постарата верзија One UI 8.0.
Да напоменеме дека сè уште не е познато кога новата опција ќе стане широко достапна, но се очекува тоа да се случи со финалното објавување на стабилната верзија на One UI 8.5 за постарите Samsung телефони.

