Sony од 27 март ги прекина нарачките за повеќето SD и CFexpress картички поради недостиг на чипови и проблеми во снабдувањето.
Sony привремено го запира примањето на нарачки за речиси сите свои SD и CFexpress мемориски картички, почнувајќи од минатиот петок, 27 март. Одлуката се однесува и на овластените дистрибутери и на крајните купувачи, а од јапонската компанија велат дека ќе важи до понатамошно известување.
Со ова се погодени моделите CFexpress Type A и Type B, како и SDXC/SDHC картичките, иако одредени модели од Type B и основните SD картички од серијата SF-UZ сè уште се произведуваат. Тие ќе останат достапни на пазарот сè додека не се распродадат постојните залихи.

Од Sony наведуваат дека главната причина за оваа одлука е глобалниот недостиг на мемориски чипови, но и „други фактори“ кои дополнително го отежнуваат производството. Меѓу нив се споменуваат и проблеми во снабдувањето со хелиум, поврзани со геополитичката ситуација, кои влијаат на целиот сектор на производство на полупроводници.
За повторното започнување на нарачките компанијата ќе одлучи во зависност од стабилизирањето на синџирот на снабдување, а корисниците ќе бидат навремено известени за тоа.



