Компанијата SpaceX изгубила контакт со еден Starlink сателит 34343, откако на 29 март претрпел неодредена аномалија додека се наоѓал во орбитата, објави компанијата на социјалната мрежа X.
Инцидентот се случил додека сателитот се наоѓал на околу 560 километри над нашата планета. Бидејќи станува збор за релативно мала висина, анализата на SpaceX покажала дека остатоците од сателитот не претставуваат ризик за Меѓународна вселенска станица ниту за претстојното лансирање на мисијата Artemis II. Исто така, нема да влијаат врз мисијата Transporter-16 на компанијата, која беше лансирана со мали сателити на нејзините клиенти на 30 март.
Во своето соопштение, SpaceX наведе и дека ќе ги следи сите остатоци што ќе може да ги детектира, што укажува дека сателитот повеќе не е во едно парче. LeoLabs, американска компанија што следи сателити во ниска Земјина орбита, соопшти дека на 29 март детектирала „настан на создавање фрагменти“, кој го вклучува Starlink 34343. Исто така беше наведено дека овој настан е сличен на друг инцидент што се случил на 17 декември 2025 година.

SpaceX и претходно губела Starlink сателити поради настани како геомагнетни бури, но не изгледа дека овие два неодамнешни инциденти се предизвикани од надворешни фактори. Компанијата сè уште не објавила што довело до аномалиите, но LeoLabs смета дека и двата инцидента „најверојатно се предизвикани од внатрешен енергетски извор, а не од судир со вселенски отпад или друг објект“.
Во моментов, тимот на Starlink сè уште работи на утврдување на причините за инцидентите. SpaceX соопшти дека, кога ќе дојде до заклучок, компанијата „брзо ќе ги спроведе сите потребни корективни мерки“.


