Македонски Телеком и СЕТУГС „Михајло Пупин“ и официјално ги здружија силите за да им овозможат на младите техничари директен влез во светот на најсовремените технологии. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка, двете институции отвораат врата за практична обука и дуално образование коешто теоријата од училниците ја претвора во реално искуство на терен.
Ова партнерство е стратешка инвестиција во македонскиот технички потенцијал со цел да се создаде високопрофесионален кадар којшто ќе биде подготвен веднаш да одговори на предизвиците на дигиталната ера.
„Веруваме дека создавањето стручен технички кадар е од суштинско значење за севкупниот технолошки напредок на целата заедница. Сакаме да им дадеме шанса на младите да учат од најдобрите ментори, да работат со реална опрема и додека се сѐ уште во училиште да ја почувствуваат професијата којашто го движи светот напред“, изјави главната директорка за техника и ИТ на Македонски Телеком, Маја Милосавлевска Наумовска.

Со програмите за практична обука и феријална пракса и со менторската поддршка од најискусните инженери и техничари во компанијата, учениците од „Михајло Пупин“ ќе имаат можност да ги совладаат вештините на иднината преку работа со оптички мрежи и напредна технологија, со што уште пред да матурираат стануваат конкурентни на пазарот на труд.
За важноста на овој модел на учење се надоврза и директорот на СЕТУГС „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев, којшто истакна: „Нашиот најголем успех е кога на учениците ќе им обезбедиме патоказ кон сигурна и успешна кариера. Соработката со Македонски Телеком е токму тоа – спојување на теоретското знаење од училниците со врвната технологија на терен. Горди сме што заедно создаваме кадар којшто е потребен за македонската економија и технологија.“
Со овој чекор, Македонски Телеком ја потврдува својата улога на општествено одговорна компанија којашто активно учествува во реформата на образовниот систем, градејќи мост помеѓу образованието и стопанството. Заедничката мисија е младите таленти да останат тука и својата кариера да ја градат дома, работејќи на проекти коишто ја обликуваат дигиталната иднина на Македонија.

