NASA успешно ја лансираше мисијата Artemis II, означувајќи го првото патување на луѓе кон Месечината по повеќе од половина век. Оваа мисија претставува клучен чекор во напорите човештвото да се врати на Месечината и подоцна да се упати кон Марс.
„Екипажот на Artemis II е безбеден, заштитен и во одлично расположение“, соопшти НАСА по спектакуларното лансирање на мисијата кон Месечината.
Екипажот на Артемис испрати порака дека „денот беше одличен“. Четиричлениот екипаж тргна на приближно десетдневно патување, за време на кое ќе ја обиколи Месечината, но нема да слета на нејзината површина. Наместо тоа, мисијата има за цел да ги тестира сите клучни системи на вселенското летало „Орион“ во услови со екипаж.
Ракетата Space Launch System (SLS), најмоќната што НАСА некогаш ја изградила, беше лансирана по обемни подготовки. За време на претходните обиди за лансирање имаше технички проблеми, вклучително и истекување на водород, што предизвика одложувања. Сепак, најновото лансирање помина успешно, без поголеми компликации.

Леталото „Орион“ е дизајнирано да издржи екстремни услови во длабокиот вселенски простор и безбедно да го врати екипажот на Земјата. За време на мисијата, астронаутите ќе ја тестираат навигацијата, комуникациските системи, контролата на летот и системите за одржување на живот – сите клучни компоненти за идни, посложени мисии.
Патеката на летот вклучува обиколување на Месечината и враќање на Земјата, што ќе ѝ овозможи на НАСА да собере драгоцени податоци за перформансите на леталото и влијанието на вселенската средина врз луѓето.
Екипажот го сочинуваат астронаути од Соединетите Американски Држави и Канада, што ја прави оваа мисија и важен меѓународен потфат. Нивното искуство и работа за време на мисијата ќе помогнат во подготовката на следните фази од програмата „Артемис“.
Оваа мисија е вовед во „Артемис III“, планирана мисија во која астронаутите треба повторно да слетаат на Месечината, вклучувајќи ја и првата жена и првата личност со различна боја на кожа на нејзината површина.
Програмата „Артемис“ има за цел да воспостави долгорочно човечко присуство на Месечината, вклучувајќи изградба на инфраструктура што ќе овозможи понатамошни истражувања на вселената и евентуални мисии кон Марс.

Очекувани проблеми на почетокот на мисијата
Екипажот на Артемис II по лансирањето веќе откри дека дури и патувањето кон Месечината доаѓа со многу вообичаени проблеми.
Покрај проблемите со тоалетот, астронаутите откриле уште неколку проблеми со нивното сосема ново вселенско летало.
Вентил што поврзува два сета резервоари за вода бил пронајден затворен кога требало да биде отворен – веројатно поместен од силниот удар при слетувањето во вода – и морал да биде ресетиран.
Инженерите исто така забележале повторување на помал електронски проблем од „Артемис I“, каде една компонента накратко откажала по удар од радијација, пред автоматски да се опорави.
Ниту еден од овие проблеми не е класифициран како закана за мисијата, но тие нагласуваат зошто „Артемис II“ во голема мера е тест-лет.
Кој го сочинува екипажот и која е крајната цел

За разлика од првата мисија „Артемис I“, која носеше само кукли и сензори, во модерната капсула „Орион“ се наоѓа внимателно одбран тим:
Рид Вајсмен (50), командант: ветеран на НАСА и поранешен командант на Меѓународната вселенска станица (ISS), тест-пилот со огромно искуство.
Виктор Гловер (49), пилот: авијатичар на американската морнарица кој влегува во историјата како првиот црнец назначен за една лунарна мисија.
Кристина Кох (47), специјалист за мисија: апсолутна рекордерка за најдолг поединечен вселенски лет кај жените (328 дена) и ветеранка на бројни вселенски прошетки.
Џереми Хансен (50), специјалист за мисија: поранешен пилот на борбени авиони и првиот Канаѓанец што патува кон Месечината, што претставува симбол на меѓународна соработка во овој проект.
Името „Артемис“ (Артемида) носи силна симболика – во грчката митологија таа е сестра близначка на Аполон и божица на Месечината. Додека легендарните мисии „Аполо“ (1961–1972) кулминираа со првите човечки чекори на површината на Месечината, „Артемис“ има уште поголеми долгорочни амбиции.
Успехот на оваа мисија директно ќе го отвори патот за „Артемис III“ (планирана за 2027 година), како и „Артемис IV“ (почетокот на 2028 година), која треба да донесе прво човечко слетување на Месечината по мисијата „Аполо 17“, со цел кон лунарниот јужен пол, каде што се верува дека има вода во форма на мраз.
Крајната цел на програмата „Артемис“, покрај воспоставување трајна база на Месечината (преку мисијата „Артемис V“ кон крајот на 2028 година), е подготовка на технологијата и човечките ресурси за најголемиот потфат во историјата на човештвото – испраќање на првите луѓе на Марс.



