HP започна со продажба на новиот OmniBook Ultra 14 лаптоп компјутер кој носи сериозен напредок во перформансите благодарение на новиот Snapdragon X2 Elite чип, со пониска цена во однос на слични Intel модели.
Дизајнот е унапреден, бидејќи новиот модел е потенок, полесен и поиздржлив во споредба со претходната генерација. Лаптопот тежи само 1,28 кг и е дебел само 1,06 см, со алуминиумско куќиште и сертификати за издржливост.
Snapdragon X2 Elite доаѓа со 18 јадра, максимален работен такт до 5 GHz и интегрирана графика чијa основа работи на 1,7 GHz. Посебно се истакнува NPU единицата со 80 TOPS моќност, што го прави посилен од решенијата што ги нудат Intel и AMD кога станува збор за локални AI задачи.

Лаптопот е опремен со 14-инчен 3K OLED екран со осветленост до 1100 нити, 32 GB LPDDR5x меморија и 1 TB PCIe 5.0 SSD, што го сместува во самиот врв на понудата.
Цената на Snapdragon верзијата изнесува околу 1.900 евра, додека слична конфигурација со Intel Core Ultra 9 386H процесор чини околу 2.170 евра, што ја прави Qualcomm варијантата поисплатлива.
HP нуди и попристапна Intel верзија со почетна цена од околу 1.580 евра, но за слични перформанси потребно е да се издвојат повеќе средства отколку за Snapdragon моделот. Овој модел јасно покажува дека ARM архитектурата станува сериозна алтернатива во сегментот на Windows лаптопи, особено кога се зема предвид односот меѓу перформансите, автономијата и AI можностите, објави Windows Central.



