Екипажот на мисијата Artemis II забележа историски момент за време на обиколката околу Месечината, снимајќи спектакуларна фотографија од „Earthrise“ – изгрејсонцето на Земјата над хоризонтот на Месечината, додека се наоѓаа на нејзината далечна страна, дел кој никогаш не е видлив од нашата планета. Првата ваква фотографија е направена во 1968 година.
Оваа фотографија има посебно симболично значење, бидејќи потсетува на познатата слика „Earthrise“, која првпат ја сними астронаутот Вилијам Андерс за време на мисијата Apollo 8.
Тогаш бил користен аналоген фотоапарат со телеобјектив од приближно 250 mm, а фотографијата е направена низ прозорецот на командниот модул, во моментот кога Земјата „излегла“ над сивиот месечев пејзаж.
Повеќе од половина век подоцна, екипажот на Artemis II го повтори тој призор, но со помош на современа технологија. Астронаутите користеле професионални фотоапарати Nikon Z9 и Nikon D5, прилагодени за работа во вселенски услови, како и објективи со фокусна должина од 85 до 400 милиметри, за да снимат фотографии и видеа со висока резолуција низ прозорците на капсулата Orion.

Фотографирањето е извршено токму во моментот кога капсулата Orion излегла од зоната во која Месечината го блокирала погледот кон Земјата, овозможувајќи уникатен кадар на нашата планета како „изгрева“ над кратерската површина на далечната страна на Месечината.
Овој снимок претставува не само визуелен спектакл, туку и значаен технолошки и научен напредок. Мисијата Artemis II има за цел подетално истражување на лунарната орбита и подготовка за идни слетувања, како и собирање визуелни податоци за делот од Месечината кој со децении е надвор од директен поглед од Земјата.
Фотографијата „Earthrise“ од оваа мисија веќе се смета за еден од клучните моменти на современите вселенски истражувања, симбол на враќањето на човештвото во длабоката вселена.



