Apple се соочува со поголеми инженерски предизвици од очекуваното во развојот на својот прв foldable уред, што може значително да го пролонгира неговото лансирање.
Првиот преклопен iPhone на Apple би можел да пристигне подоцна од очекуваното, откако компанијата наишла на серија технички предизвици во раната фаза на тестирање.
Според извештај на Nikkei Asia, уредот моментално се наоѓа во фазата на Engineering Verification Testing (EVT) – клучен чекор во кој се валидираат новите дизајни пред да започне масовното производство. Сепак, проблемите кои се појавиле во оваа фаза се покажале како посложени од очекуваното и бараат дополнително време за решавање.
Извори блиски до синџирот на снабдување посочуваат дека добавувачите веќе биле известени за можни промени во производствените рокови, што укажува дека Apple активно ја ревидира својата временска рамка.

Иако претходно се очекуваше foldable iPhone да биде претставен по серијата iPhone 18, новите информации отвораат можност за значително одложување – дури и до 2027 година во најлошото сценарио.
Дополнителна неизвесност носи и изборот на материјал за шарките на уредот. Според дојавувачот Fixed Focus Digital, Apple разгледува две опции: течен метал, кој нуди подобра издржливост, и 3D-печатена титаниумска легура. Финалната одлука се очекува во текот на Production Validation Testing фазата, која е планирана за летово.
Покрај техничките предизвици, тековните преговори за трошоците со производствените партнери дополнително влијаат врз динамиката на развој.
И покрај доцнењата, пристапот на Apple укажува на тоа дека компанијата останува фокусирана на квалитет и долгорочна издржливост, наместо на брз влез во веќе конкурентниот пазар на foldable уреди.



