Првиот преклопен модел на Apple, iPhone Fold доаѓа во септември со 2 nm процесор, тенок дизајн и без Face ID
Apple, според информации од синџирот на снабдување, започнал пробно производство на својот прв преклоплив телефон – iPhone Fold, кој официјално се очекува да биде претставен во септември, со почеток на продажбата во декември.
Овој модел го означува влезот на Apple во сегментот на телефони со преклоплив екран, со позиционирање во самиот врв на пазарот, со очекувана почетна цена над 1.500 евра.

iPhone Fold носи 2 nm чип и радикален дизајн
Телефонот користи „book-style“ односно Fold дизајн со внатрешно преклопување, со надворешен екран од 5.5 инчи и внатрешен од 7.8 инчи. Посебно внимание е посветено на шарката од течен метал и флексибилното стакло, со што преклопот е сведен на само 0.15 mm.
Куќиштето е изработено од титаниум, додека дебелината во расклопена состојба изнесува само 4.5–4.8 mm, што го прави еден од најтенките уреди во оваа категорија.
Го придвижува новиот A20 Pro процесор произведен во TSMC 2 nm процес, со 12 GB меморија и Apple C2 модем.

Интересно е што Apple прави големи промени во дизајнот – Face ID се отстранува, а се враќа Touch ID интегриран во страничното копче. Исто така, уредот ќе користи исклучиво eSIM, без физички SIM слот.
Системот на камери вклучува две главни камери од 48 MP, додека софтверскиот дел носи iOS 27 со поддршка за вистински split-screen и мултитаскинг помеѓу внатрешниот и надворешниот екран.
iPhone Fold би можел да стане еден од најамбициозните уреди на Apple досега, но и најскапиот влез на компанијата во сосема нова категорија производи.



