Apple планира MacBook Neo со A19 Pro чип и 12GB RAM меморија, но големата побарувачка може воедно да биде и проблем, бидејќи влијае врз профитот
Унапредувањето на моделот MacBook Neo станува реалност, бидејќи Apple, според новите информации, веќе преговара со добавувачите за следната генерација на овој уред која би донела уште помоќен хардвер и повеќе меморија.
Актуелниот модел MacBook Neo, претставен на почетокот на годината, го користи A18 Pro чипот кој ја придвижува и iPhone 16 Pro серијата. Меѓутоа, како што новата генерација iPhone 17 Pro преминува на A19 Pro чип, Apple сега размислува за негово воведување и во MacBook Neo.
MacBook Neo ќе добие A19 Pro чип и повеќе RAM меморија
Според наводите на тајванскиот новинар Тим Калпан, следната верзија на MacBook Neo би можела да добие A19 Pro процесор, како и зголемување на работната меморија од 8 GB на 12 GB, со што дополнително би се приближила до конфигурацијата на iPhone 17 Pro уредите.

Големата побарувачка за овој модел го изненади Apple. Првичниот план бил производство на меѓу 5 и 6 милиони Neo компјутери, по што производството би било прекинато. Сепак, силната продажба ја принудува компанијата да размисли за зголемување на производството.
Производството моментално е поделено меѓу партнерите Quanta и Foxconn, со фабрики во Виетнам и Кина.
Популарноста на уредот отвори и интересна дилема за Apple. Постоечкиот MacBook Neo користи т.н. „селектирани“ верзии на A18 Pro чипови со 5 GPU јадра, за разлика од 6-те јадра кај iPhone моделите. Станува збор за чипови кои не ги исполнуваат сите критериуми за телефони, но сепак се целосно функционални за лаптоп компјутери.
Ваквиот пристап му овозможува на Apple да задржи висока профитна маржа, бидејќи практично користи веќе произведени чипови. Сепак, како што залихите од овие чипови се намалуваат, компанијата сега мора да одлучи меѓу нарачување нови чипови од TSMC или прекин на производството.
Првата опција значи помал профит, додека втората би можела да ги разочара корисниците и да отвори простор за конкуренцијата, особено во сегментот на Windows PC, пишува Neowin.



