Новата алатка Claude Managed Agents им нуди на компаниите готова инфраструктура за изработка и имплементација на автономни AI системи, поедноставувајќи го процесот кој досега претставуваше пречка за автоматизација на бизнисите.
Anthropic вчера го најави лансирањето на нов производ кој треба значително да им ја олесни на компаниите изработката и имплементацијата на AI агенти. Алатот, наречен Claude Managed Agents, им нуди на програмерите готова инфраструктура за изградба на автономни AI системи, решавајќи комплексен проблем кој досега беше главна пречка за автоматизација на работните задачи.
Инфраструктура како услуга
Ангела Џианг, раководителка на производи за Claude Platform, тврди дека постои значителен јаз помеѓу она што моделите на Anthropic можат да го направат и она за што компаниите моментално ги користат. Новиот алат, како што вели таа, „овозможува секое претпријатие да ја преземе најдобрата инфраструктура и да имплементира флота од Claude агенти за извршување на било која работа што им е потребна“.
Managed Agents им обезбедува на програмерите таканаречен „agent harness“, односно целосна софтверска рамка која го опкружува AI моделот за да му помогне да функционира како агент – да презема активности во име на корисникот. Во пракса, тоа се состои од софтверски алатки, мемориски систем и друга поддршка. Агентите создадени преку Claude Managed Agents ќе доаѓаат со вградено изолирано (sandbox) опкружување, во кое агентот може безбедно да извршува софтверски проекти. Производот исто така овозможува создавање агенти кои можат автономно да работат со часови во облак, да надгледуваат што прават други Claude агенти и да управуваат со дозволи за пристап до одредени алатки.

„Кога станува збор за вистинската имплементација и извршување на агенти во голем обем, тоа е комплексен инженерски проблем на дистрибуирани системи,“ објаснува Кејтлин Лесе, раководителка на инженеринг за Claude Platform. „Многу од клиентите со кои разговаравме претходно имаа цел тим инженери чија работа беше да ги градат и одржуваат овие системи. Сега кога им го даваме тој дел готов, тие инженери можат да се фокусираат на основните компетенции на нивниот бизнис и производ.“
Како пример, стартапот за продуктивност Notion покажа како ги користи Managed Agents за автоматизација на процесот на воведување нови клиенти. Продукт менаџерот Ерик Лиу демонстрираше како долг список на задачи го префрлил на Claude Managed Agent, кој потоа самостојно започнал да ги извршува задачите една по една.
Трка за бизнис пазарот
Овој потег му овозможува на Anthropic да го искористи својот брзорастечкиhttps://konekt.mk/2026/04/09/anthropic-го-лансира-project-glasswing-иницијатива-за-спреч/ сегмент на работење со компании. Од компанијата соопштија дека нивниот годишен приход надминал 30 милијарди долари, што е приближно трипати повеќе од декември 2025 година. И Anthropic и OpenAI, кој исто така има своја платформа за агенти наречена Frontier, се натпреваруваат во градење силни бизнис решенија додека се подготвуваат за излез на берза, што се очекува уште оваа година.
Најголем дел од неодамнешниот раст на приходите на Anthropic доаѓа од Claude Platform, бизнис производ кој им овозможува на програмерите пристап до AI моделите на компанијата преку API. Користејќи го тој API, компаниите веќе започнаа да имплементираат AI агенти во своите работни средини. Лансирањето на модели од новата генерација како Opus 4.6 со контекстен прозорец од милион токени дополнително ги засили способностите на овие агенти, овозможувајќи им да обработуваат огромни количини информации и да извршуваат задачи што траат со часови или дури денови.
Инвеститорите од Волстрит станаа повнимателни кон акциите на софтверските компании во последните месеци бидејќи Anthropic и неговите конкуренти нудат решенија кои би можеле да ги направат традиционалните SaaS (software as a service) компании застарени.
Без разлика дали таа закана ќе се материјализира или не, лансирањето на Managed Agents јасно покажува дека Anthropic сè уште има значаен пат пред себе пред поголемиот дел од претпријатијата целосно да премине на работење управувано од Claude.

