Астронаутите од мисијата Артемис II безбедно се вратија на Земјата по историското патување околу Месечината. Слетаа во Тихиот Океан, крај брегот на Сан Диего во Калифорнија, а слетувањето помина во најдобар ред.
Капсулата Орион на NASA, наречена „Интегрити“, нежно се спушти со падобран во морето кај брегот на Јужна Калифорнија околу 2 часот по полноќ по наше време. Со тоа беше завршена 10-дневната мисија и првото патување околу Месечината по повеќе од половина век, во кое астронаутите успеаја да отидат подлабоко во вселената од кога било досега.

Летот Артемис II, кој опфати вкупно 1.117.515 километри во две орбити околу Земјата и имаше кулминациски прелет покрај Месечината на околу 4.000 милји од нејзината површина, беше прв тестен лет со екипаж, чија цел е враќање на астронаути на површината на Месечината почнувајќи од 2028 година.
Астронаутите летаа во вселенското летало Орион, од кое при враќањето се одвои капсулата „Интегрити“, во која се наоѓаа членовите на екипажот, и се упати кон Земјата. Пред да влезат во Земјината атмосфера, астронаутите ги вклучија моторите на 18 секунди за да ја коригираат траекторијата и да влезат во атмосферата под агол што му овозможува на топлинскиот штит да издржи екстремни температури.
Потоа, со брзина 35 пати поголема од брзината на звукот, влегоа во атмосферата, што беше најкритичниот момент од нивното патување. Околу капсулата се создаде плазма и шест минути немаа комуникација со Земјата.
При слетувањето во Тихиот Океан кај брегот на Калифорнија се отворија неколку падобрани кои го забавија спуштањето на „Интегрити“.
Слетувањето беше пренесувано во живо преку видеопренос на НАСА, а четворицата членови на екипажот — Рид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох од НАСА, како и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен — беа извлечени од капсулата во морето, по што беа пренесени на спасувачки брод, каде што ќе поминат медицински прегледи.

Нивниот тим осмисли и моторички тестови кои астронаутите ќе ги изведат во текот на здравствените проверки што ги очекуваат.
Враќањето на екипажот дома беше најризичниот дел од мисијата и на леталото изградено од Lockheed Martin, покажувајќи дека топлинскиот штит на капсулата може да издржи екстремни сили при повторното влегување во атмосферата од патеката за враќање од Месечината.
Капсулата влезе во Земјината атмосфера со брзина 32 пати поголема од брзината на звукот, при што атмосферското триење го загреваше топлинскиот штит до околу 5.000 степени Фаренхајт, односно околу 2.760 степени Целзиусови.

Во текот на десетдневното патување, астронаутите не слетаа на Месечината, за разлика од мисијата Аполо 11. Сепак, тие тестираа клучни системи за одржување живот во капсулата Орион и ја прелетаа темната страна на Месечината, обезбедувајќи им на научниците непроценливи податоци за идната мисија Артемис III, која треба да вклучува и слетување на површината на Месечината.

