AI функцијата за препознавање измами засега е достапна само на телефоните на Google Pixel и е ограничена на САД, но според сè, наскоро би можела да пристигне и на новите склопливи мобилни телефони на Samsung.
Samsung со следната генерација склопливи мобилни телефони би можел да ја воведе функцијата Scam Detection, AI алатка за препознавање измами. Како што пренесува Android Authority, функцијата би требало да биде достапна „веднаш од кутија“ на Galaxy Z Fold 8 и Z Flip 8, а наводно ќе ја добие и сè уште непотврдениот Galaxy Wide Fold.
Во пракса, Scam Detection користи вештачка интелигенција за анализа на телефонските повици и пораки во реално време, со цел да препознае потенцијални обиди за измама. Системот може да детектира сомнителни обрасци во разговорот, како што се барање лични податоци, пари или лажно претставување, и да го предупреди корисникот за време на самиот повик или преку известување.

На тој начин, корисникот може навреме да реагира, да ја прекине комуникацијата или да игнорира сомнителна порака пред да дојде до можен проблем.
Инаку, оваа функција веќе постои на телефоните на Google Pixel, но засега работи само во САД, па останува да се види дали Samsung со новите модели ќе ја прошири нејзината достапност и на други пазари. Претставувањето на новата генерација склопливи телефони на Samsung се очекува во јули.

