Сите корисници на видео сервисот YouTube добиваат опција да постават временско ограничување за своите Shorts видеа на „нула минути“, што значи дека овој формат практично може да се „исклучи“ за повеќе да не им се прикажува.
Поставките на YouTube сега вклучуваат опција за временско ограничување од „нула минути“ за кратките Shorts клипови, со што овој формат ефективно се отстранува од апликацијата на Android и iOS. Оваа опција е новитет во тајмерот за Shorts видеа, кој YouTube првично го најави во октомври. Најниската претходна опција за ограничување била 15 минути.
Функцијата беше проширена во јануари за да им даде на родителите одредена контрола врз тоа колку долго нивните деца поминуваат скролувајќи низ Shorts видеата, а опцијата „нула минути“ наскоро пристигнува до сите корисници. Според портпаролката на YouTube, Макензи Спилер, опцијата за поставување тајмер на нула сега е „активна за сите родители и моментално се воведува за сите корисници“, вклучувајќи ги и оние со стандардни возрасни сметки.

Без разлика на возраста, ова може да биде корисна алатка за секој што сака да поминува помалку време во скролување. Картичката Shorts нема да прикажува видеа откако ќе се достигне лимитот, туку само известување дека е „достигнат лимитот на вашиот Shorts feed“. Во досегашните тестирања, достигнувањето на временското ограничување исто така ги отстранува Shorts видеата од почетниот екран, па со поставување на тајмерот на нула корисниците можат целосно да ги игнорираат Shorts видеата ако тоа го сакаат.
За да се вклучи тајмерот, потребно е да се влезе во поставките на YouTube апликацијата, да се избере опцијата „time management“, а потоа да се вклучи ограничувањето за Shorts feed и да се одбере посакуваното време.
