Samsung и Apple се единствените меѓу петте водечки производители кои забележаa годишен раст на испораките на мобилни телефони и на пазарниот удел.
Според податоците на компанијата International Data Corporation, глобалниот пазар на паметни телефони забележал пад во првиот квартал од 2026 година. Вкупно се испорачани 289,7 милиони уреди, што е за 4,1% помалку во однос на истиот период минатата година. Samsung и Apple се единствените светли точки во изминатите три месеци.
Ова е првиот квартал со негативен раст уште од 2023 година, а како клучна причина се наведува сериозен недостиг на мемориски чипови. Овој проблем влијае и на производството и на побарувачката. Истовремено, растот на цените на меморијата ги зголемува трошоците за производство, поради што производителите се принудени да ги зголемуваат цените на уредите.

На врвот на листата производители повторно се наоѓа Samsung, со 62,8 милиони испорачани уреди и пазарен удел од 21,7%. Аналитичарите истакнуваат дека силната побарувачка за моделот Galaxy S26 Ultra, како и пораното лансирање на новите модели од A серијата, биле клучни фактори за овој резултат.
Второто место го зазема Apple со 61,1 милион испораки и удел од 19,6%. Серијата iPhone 17 бележи добра побарувачка, особено на кинескиот пазар.
Третото место ѝ припаѓа на Xiaomi со 33,8 милиони испорачани уреди и пазарен удел од 11,7%. Ова претставува значителен пад во однос на претходната година. Следуваат OPPO со 30,7 милиони и 10% од пазарот и vivo со 21,2 милиони уреди и удел од 7,5%.

И покрај вкупниот пад на пазарот, Samsung и Apple се единствените меѓу водечките пет производители кои забележале раст на годишно ниво, и по број на испораки и по пазарен удел.
Пазарот на паметни телефони ќе продолжи да паѓа
International Data Corporation предупредува дека наредните месеци би можеле да бидат нестабилни за пазарот на паметни телефони, бидејќи се очекува продолжен притисок врз цените поради проблемите со снабдување со меморија. Поради тоа, пазарот најверојатно ќе продолжи да паѓа или ќе остане на исто ниво.
Особено би можеле да бидат погодени пазарите во развој, каде доминираат попристапни уреди. Стабилизација се очекува дури во втората половина на 2027 година.

