Извор за кој се тврди дека е запознаен со синџирот на снабдување на Apple денес ги откри опциите за бои што Apple ги планира за iPhone 18 Pro, iPhone 18 Pro Max и претстојниот iPhone на преклоп.
Информациите доаѓаат од Macworld, кој вели дека главната нова боја за годинашните 18 Pro модели ќе биде Dark Cherry – длабока црвена нијанса налик на вино. Иако други извори претходно спомнуваа опција „Dark Red“, се вели дека оваа нијанса е значително поблиска до бојата на вино отколку до посветло црвена. Марк Гурман од Bloomberg и други дојавувачи претходно сугерираа дека Apple експериментира со црвена нијанса за iPhone 18 Pro, но очигледно бојата ќе биде многу потивка од минатогодишната Cosmic Orange кај iPhone 17 Pro.

Според изворот на Macworld, Apple работи на четири опции за бои за iPhone 18 Pro и Pro Max, со следните Pantone кодови што наводно се користат интерно:
- Light Blue (Pantone 2121), слична на сегашната Mist Blue кај iPhone 17
- Dark Cherry (Pantone 6076), главната нова боја
- Dark Gray (Pantone 426C)
- Silver (Pantone 427C), слична на актуелната генерација
Изворот предупредува дека сите четири бои сè уште се во развој и бидејќи iPhone 18 Pro сè уште не е во масовно производство, Apple има време да направи промени. Apple, исто така, не секогаш нуди четири бои за Pro линијата, па можно е една од нив да биде отфрлена пред лансирањето. Минатата година, и Macworld и „ликерот“ Сони Диксон објавија дека Apple размислувал да го пушти iPhone 17 Pro во црна или челично-сива боја, но ниту една не беше реализирана.

За првиот преклопен iPhone, за кој се шпекулира дека ќе се вика „iPhone Ultra“, се вели дека ќе доаѓа во помал број бои од Pro моделите, без впечатливи или живи нијанси. Изворот на Macworld тврди дека Apple работи на класични сребрена и бела варијанта, како и опција Indigo, слична на Deep Blue кај iPhone 17 Pro.
Истиот извор ги потврдува претходните гласини за дизајнот на преклопниот модел, наведувајќи дека уредот ќе има две задни камери, селфи камера на надворешниот дисплеј, втора селфи камера во горниот лев агол на внатрешниот дисплеј, и форма слична на iPad mini кога е расклопен. Се наведува дека ќе биде дебел само 4.7 милиметри кога е расклопен, што би го направило значително потенок од iPhone Air со 5.6 мм.

Во однос на дизајнот на iPhone 18 Pro, CAD цртежите што ги видел изворот на Macworld ги поддржуваат постојните гласини за помал Dynamic Island, што би ослободило мал дел дополнителен простор на екранот кога Live Activities не се користат. Шемите покажуваат и малку намален јаз помеѓу стаклениот отвор на задната страна и модулот на камерата во барем еден рендер, иако изворот не можел да потврди дали ова е финална промена во дизајнот. „Ликер“ на Weibo познат како „Instant Digital“ претходно објави дека Apple ќе користи нов производствен процес за да ја намали разликата во боја помеѓу стаклото и алуминиумската рамка, што можеби е поврзано со ова.
Се очекува моделите iPhone 18 Pro и преклопливиот iPhone да бидат претставени во септември 2026 година, иако некои аналитичари сугерираат дека преклопливиот модел ќе пристигне подоцна. iPhone 18, iPhone 18e и iPhone Air 2 наводно ќе следат во првата половина на 2027 година.

