Во споредба со исклучително популарниот претходник, Osmo Pocket 4 носи значителни подобрувања во видеото, фотографијата и перформансите.
По бројни гласини и шпекулации, DJI конечно го претстави Osmo Pocket 4 – новата генерација на својата џебна камера со вграден гимбал, која носи низа значајни надградби во однос на претходниот модел.
Иако го задржува 1-инчниот CMOS сензор и 20-милиметарскиот објектив со отвор f/2.0, Pocket 4 сега поддржува снимање во 4K при 240 FPS, што претставува двојно зголемување во однос на претходниот модел. Покрај тоа, камерата нуди 14 стопи динамички опсег со 10-битен D-Log и максимален bitrate од 180 Mbps.

Една од поголемите новини е и значително унапредената фотографија. Имено, Osmo Pocket 4 снима фотографии со резолуција од 37 MP, со поддршка за DNG RAW формат и подолги експозиции. Тука е и 2x lossless зум во 4K резолуција, како и до 4x во Full HD, што овозможува пофлексибилно кадрирање без поголема загуба на квалитет.
DJI го унапреди и системот за следење на објекти, кој сега во верзијата ActiveTrack 7.0 може да следи луѓе, возила и други објекти, со дополнителни опции како динамично кадрирање и автоматско препознавање лица.
Вреди да се истакне дека Osmo Pocket 4 доаѓа со 107 GB интерна меморија, со поддршка за microSD картички, и нуди побрз пренос на податоци преку USB 3.1 и Wi-Fi 6 поврзување. Уредот поддржува и DisplayPort излез за стриминг до 4K резолуција при 60 FPS, како и timecode за полесна синхронизација во професионални продукции.

Интересен нов додаток е приклучокот за дополнително осветлување на Osmo Pocket 4, кој доаѓа во Creator Combo пакетот.
Новина е и 2-инчниот OLED екран со осветленост до 1000 нити, заедно со нови физички контроли, вклучувајќи прилагодливо копче и 5D џојстик за попрецизна контрола на гимбалот. Камерата тежи 190,5 грама и нуди до 240 минути снимање, а поддржува и брзо полнење.
Основниот пакет на Osmo Pocket 4 ќе чини 479 евра во Европа, додека најопремениот Creator Combo ќе биде достапен по цена од 619 евра. Creator Combo вклучува широкоугаолен објектив, мини статив, дополнително светло и DJI Mic 3 микрофон, со што Pocket 4 веднаш станува комплетна алатка за креатори на содржини.
Преднарачките веќе се во тек, а испораките започнуваат на 22 април.

