ЕУ од 2027 година воведува задолжителни заменливи батерии и USB-C стандард, што ќе го промени дизајнот на телефоните и ќе го продолжи нивниот животен век
Европската унија воведува една од најголемите промени во индустријата на мобилни телефони во последните десет години, бидејќи од 2027 година сите уреди ќе мора да имаат заменливи батерии, покрај веќе воведениот USB-C стандард.
Новата регулатива, усвоена уште во 2023 година, започнува да се применува на 18 февруари 2027 година и налага батериите во телефоните и таблетите да мора да бидат лесно отстранливи и заменливи без специјализиран алат. Тоа практично значи крај на целосно „затворените“ уреди какви што ги познаваме денес.
Новите правила на ЕУ суштински го менуваат дизајнот на паметните телефони
Производителите ќе мора да обезбедат и достапност на резервни батерии најмалку пет години по прекинот на продажбата на одреден модел. Целта на овие мерки е јасна – да се продолжи животниот век на уредите и да се намали количината на електронски отпад, кој во Европа достигнува милиони тони годишно.

Оваа промена директно решава еден од најголемите проблеми кај денешните телефони. Кога батеријата ќе ослаби, корисниците често немаат едноставен начин за нејзина замена, па се одлучуваат за купување нов уред. ЕУ сега сака практично да го елиминира овој модел на „присилна замена“.
Важно е да се нагласи дека батериите нема нужно да мора да се вадат со раце како порано, но ќе мора да бидат достапни за замена со стандардни алати или со алат што производителот мора да го обезбеди без дополнителна наплата.
Паралелно со тоа, ЕУ веќе воведе задолжителен USB-C стандард за полнење телефони и таблети од 2024 година, со што дополнително се намалува електронскиот отпад и се зголемува компатибилноста на уредите.
Се очекува оваа регулатива да има глобално влијание, бидејќи производителите ретко прават посебни верзии на уреди само за едно пазариште. Како што USB-C стана глобален стандард, сличен сценарио сега се очекува и за заменливите батерии.
За корисниците тоа значи подолг век на уредите, пониски трошоци за одржување и поголема контрола врз сопствениот уред. Од друга страна, производителите ќе мора да го редефинираат дизајнот, што може да доведе до подебели уреди или компромиси во однос на водоотпорноста.
Едно е сигурно – ерата на целосно затворени телефони полека се приближува кон крајот, а 2027 година би можела да означи враќање на уреди кои корисникот навистина може сам да ги поправи, пренесува The Olive Press.

