На почетокот на март се појави информација дека WhatsApp ќе воведе услуга со претплата, а сега стигна и официјална потврда.
WhatsApp го тестира WhatsApp Plus, а цената на оваа услуга изнесува 2,49 евра месечно во Европа. Корисниците што ќе се претплатат ќе добијат пристап до ексклузивни премиум налепници, можност за промена на темата на апликацијата со избор меѓу 18 бои, па дури и избор на прилагодена икона за самиот WhatsApp, која ќе се прикажува на почетниот екран на телефонот и во апликациите.
Исто така, со претплатата WhatsApp Plus е можно да се „пиноваат“ до 20 разговори за полесен пристап, што е значително повеќе од ограничувањето од три „пиновани“ разговори за оние што не се претплатници. Дополнително, претплатниците добиваат пристап до 10 ексклузивни премиум мелодии за ѕвонење, а некои поставки може да се применат истовремено на повеќе разговори и групи кои се додадени на одредена прилагодена листа.

На пример, можно е да се постави тема која ќе се применува на сите разговори во рамки на одредена листа, а кога ќе се додаде нов разговор во таа листа, темата автоматски ќе се примени и на него.
WhatsApp Plus во моментов е достапен само за ограничен број корисници, бидејќи сè уште е во фаза на тестирање, но нема сомнеж дека наскоро ќе го прошири својот досег. Се чини дека платениот план засега е фокусиран на Android, додека поддршката за iOS е планирана за нешто подоцна. Сите основни функции на WhatsApp остануваат бесплатни, вклучувајќи ја и end-to-end енкрипцијата. WhatsApp не отстранил ниту една основна функција ниту ја префрлил во платениот план, додека сите Plus функции се нови.

