Новата генерација паметни часовници на Huawei носи препознатлив дизајн со подобрени сензори и поголема автономија, додека Pro моделот се издвојува со поголем екран и понапредни здравствени функции.
Huawei ја претстави новата генерација на своите паметни часовници од серијата Watch Fit – моделите Watch Fit 5 и Watch Fit 5 Pro.
Дизајнерски, двата модели го задржуваат препознатливиот изглед на кој веќе сме навикнати кај оваа серија, но Pro верзијата доаѓа со потенки рамки околу екранот, што овозможило вградување на поголем 1,92-инчен AMOLED панел. Дополнително, користи сафирно стакло и нуди максимална осветленост до 3.000 нити. Стандардниот Watch Fit 5, пак, има нешто помал 1,82-инчен AMOLED екран со максимална осветленост од 2.500 нити.

Двата модели поддржуваат Always-On Display и доаѓаат со две копчиња – дигитална круна и дополнително копче за кратенки. Куќиштето е изработено од алуминиум, додека Pro верзијата добива и титаниумска рамка.
Кога станува збор за здравје и следење на активности, новата генерација носи унапредени сензори за мерење на срцевиот ритам (6 LED + 6 PPG модули), како и сензори за температура. Pro моделот има и ЕКГ, како и можност за мерење на длабочина, а дополнително е сертифициран за нуркање на здив до 40 метри. Двата часовници имаат водоотпорност од 5 ATM.
За следење на активности достапни се бројни спортски режими, вклучувајќи и подобрен режим за велосипедизам кој веќе беше тестиран кај Watch GT 6 Pro. Во кинеските верзии се поддржани двопојасен GNSS, NFC и Bluetooth 6.0, а се очекува овие функции да бидат достапни и на глобалниот пазар.
Часовниците доаѓаат со вграден микрофон и звучник, а новитет е и функцијата за снимање која овозможува бележење гласовни записи директно од зглобот.

Според производителот, автономијата на батеријата изнесува до седум дена при вообичаено користење, односно до 10 дена во режим на штедење. Со вклучен Always-On Display се очекуваат околу четири дена работа. Полнењето се врши преку магнетен полнач, како и кај останатите паметни часовници на Huawei.
Huawei Watch Fit 5 доаѓа во повеќе бои, вклучувајќи виолетова, зелена, бела, црна и сребрена, по цена од 1.099 јуани (околу 140 евра). Pro верзијата е достапна во црна, бела и портокалова боја, со почетна цена од 2.199 јуани (околу 280 евра).
Двата модели во Кина започнуваат со продажба на 29 април, а деталите за глобалната достапност сè уште не се објавени. Сепак, бидејќи серијата Watch Fit е присутна на нашиот пазар уште од првиот модел претставен во 2020 година, може да се очекува дека Watch Fit 5 ќе биде достапен и кај нас.


