OnePlus официјално го претстави својот најнов паметен часовник, OnePlus Watch 4, кој носи неколку помали, но значајни надградби во однос на претходникот.
За почеток, важно е да се истакне дека часовникот сега е изработен од титаниум, што го прави поотпорен на гребнатини и абење. Покрај поцврстото куќиште, OnePlus Watch 4 го исполнува MIL-STD-810H стандардот за издржливост, поддржува управување со мокри раце и нуди отпорност на корозија во морска вода, што може да биде корисно за оние што планираат да пливаат со него. Тука се и сертификатите 5ATM, IP68 и IP69.

Го напојува Snapdragon Wear W5 во комбинација со дополнителен BES2800 чип за штедење енергија. На располагање се 2 GB RAM и 32 GB внатрешна меморија, што е во склад со останатите паметни часовници во овој сегмент. Како што наведуваат од OnePlus, батеријата со капацитет од 646 mAh овозможува до 16 дена работа во режим за штедење, односно до пет дена во стандарден паметен режим на користење, со полнење до 100% за околу 75 минути.
Што се однесува до екранот, OnePlus Watch 4 има LTPO OLED дисплеј со резолуција 466 × 466 пиксели, врвна осветленост до 3.000 нити, а заштитен е со сафирно стакло од гребнатини и кршење. Софтверската страна ја покрива актуелниот Google Wear OS 6 со OxygenOS интерфејс. Часовникот има димензии 47,4 × 47,4 × 11 мм, со тежина од 43 грама без ремче, односно 68 грама со него.

Часовникот нуди повеќе од 100 спортски режими, вклучувајќи автоматско препознавање за шест активности, како и низа сензори за следење на здравјето и активноста, како мерење на срцев ритам, ниво на кислород во крвта и температура на зглоб. Поддржан е двопојасен GPS, Wi-Fi поврзување, Bluetooth 5.2 и NFC со плаќање преку Google Wallet.
Како што неофицијално веќе можеше да се претпостави, станува збор за ребрендирана верзија на моделот Oppo Watch X3 кој неодамна беше претставен во Кина. Цената сè уште не е позната, ниту достапноста, но врз основа на претходните модели, се очекува да пристигне и на европскиот пазар.
