WhatsApp, апликација во сопственост на компанијата Meta, продолжува да тестира нови функции за своите Android и iOS корисници, а најновата функција во развој се меурчиња за нотификации, односно известувања, кои Google ги поддржува на Android уште од Android 10.
WABetaInfo откри дека WhatsApp тестира функција на меурчиња за известувања во својата Android апликација. Оние кои го користеле Facebook Messenger на Android веќе знаат како функционираат меурчињата за известувања.
Кога ќе примите порака од поединец или во групен разговор, ќе видите пловечко меурче на екранот, без разлика дали сте на почетниот екран или во некоја апликација од трета страна.
Меурчето за известувања што го прикажува WhatsApp ќе содржи профилна слика од контактот или групата, заедно со мала WhatsApp икона, што укажува дека станува збор за WhatsApp известување.

Со кликнување на тоа пловечко меурче ќе се отвори компактна верзија од WhatsApp чат-интерфејсот, овозможувајќи им на корисниците да читаат и да одговараат на пораки без целосно отворање на апликацијата.
Меурчињата за известувања ќе овозможат брзо праќање пораки и извршување повеќе задачи истовремено кога комуницирате со повеќе луѓе или групи. На пример, ако гледате видео и сакате да разговарате со повеќе лица на WhatsApp, можете брзо да праќате пораки во двата чата без да ја напуштите видео апликацијата или да го отворите WhatsApp.
WhatsApp сè уште ја тестира функцијата со меурчиња за известувања, па не е јасно кога точно ќе биде јавно достапна за сите Android корисници. Сепак, пред јавното објавување, најверојатно ќе биде достапна за бета корисниците, што ќе им овозможи да ја испробаат функцијата пред да стане достапна за сите.

