Apple за првпат успеа да биде број еден и во првиот квартал од годината, бидејќи iPhone доминира на глобалниот пазар на телефони по одличната 2025 година
Можеби Apple не исполни сè што си постави како цел за време на ерата на Тим Кук, но едно сигурно постигна – iPhone доминира на глобалниот пазар на телефони.
Според податоците на аналитичката куќа Counterpoint Research, Apple во периодот Q1 2026 забележа раст на испораките на iPhone уредите од 5% на годишно ниво, додека сите главни конкуренти забележаа пад. Ова е особено значајно, бидејќи првиот квартал традиционално е послаб период за Apple. Најголемата продажба компанијата обично ја остварува за време на празничната, божиќна сезона.
Клучна улога во овој резултат имаше успехот на најновата генерација уреди. Главен двигател е серијата iPhone 17, која продолжи да бележи силна побарувачка и по иницијалното лансирање. Токму тој континуитет во продажбата му овозможи на Apple да го задржи моментумот и по рекордниот крај на 2025 година.
Дополнителен контекст дава и состојбата на глобалниот пазар. Вкупните испораки на паметни телефони во првиот квартал од 2026 година се намалија за околу 6% на годишно ниво. Во таква средина, растот на Apple добива уште поголемо значење, бидејќи покажува дека компанијата не само што ја одржува позицијата, туку и го зголемува пазарниот удел додека конкуренцијата бележи пад.
Важно е да се нагласи дека ова не е изолиран резултат, туку продолжение на трендот што започна кон крајот на минатата година. Apple веќе во четвртиот квартал од 2025 држеше околу 23% од глобалниот пазар, со што iPhone стана најпродаван паметен телефон во светот за целата година.
Како Apple дојде до доминација
Овој развој на ситуацијата укажува на неколку клучни фактори. Пред сè, Apple успева да одржи стабилна побарувачка и надвор од главните продажни циклуси, што претходно беше помалку изразено. Во исто време, конкурентите се соочуваат со пад на испораките, што дополнително отвора простор за раст на пазарниот удел на Apple.
Со други зборови, Apple не профитира само од сопствениот успех, туку и од слабостите на целиот пазар. Кога станува збор за избор на премиум уреди во време на криза, луѓето очигледно избираат iPhone. Токму таа комбинација – стабилна побарувачка за iPhone уредите и пад кај конкуренцијата – доведе до тоа компанијата за првпат да ја преземе лидерската позиција во првиот квартал од годината.
Доколку трендот продолжи, Apple би можел да го повтори резултатот од 2025 и да ја задржи водечката позиција и во текот на 2026 година. Сепак, конечниот исход ќе зависи од понатамошниот развој на пазарот, како и од наредните генерации уреди што компанијата ќе ги претстави.

iPhone доминира на листата на Counterpoint, но не и на онаа на IDC
Интересно е што резултатите на Counterpoint не се поклопуваат со претходно објавените резултати на компанијата IDC. Оваа несекојдневна ситуација не е честа, бидејќи анализите од различни извори ретко се разликуваат во толкава мера како сега. Според IDC, пазарот паднал за околу 4%, а Samsung бил значително пред сите. Кој од двете аналитички куќи е поблиску до реалноста овојпат ќе видиме кога и другите извори ќе излезат со свои податоци. Засега, iPhone доминира барем на една листа…

