Кинескиот стартап за развој на вештачка интелигенција DeepSeek, кој минатата година ги разниша светските финансиски пазари, во петокот објави preview верзии од својата најнова голема надградба, додека ривалството во AI секторот меѓу Кина и Соединетите Американски Држави дополнително се заострува.
Моделот V4 на DeepSeek со нетрпение го очекуваа корисниците кои сакаат да тестираат како се носи со американските конкуренти како ChatGPT на OpenAI, Claude развиен од Anthropic и Google Gemini. Anthropic и OpenAI претходно го обвинија DeepSeek дека својата технологија ја гради нефер врз основа на нивните решенија.
Дел од аналитичарите од индустријата очекуваа новиот модел да пристигне уште на почетокот на Лунарната нова година, односно повеќе од еден месец порано.
DeepSeek наведува дека новите V4 open-source модели, меѓу кои се достапни „pro“ и „flash“ верзии, носат големи подобрувања во познавањето факти, логичкото расудување и т.н. „агенциски“ (agentic) способности – можноста самостојно да извршуваат комплексни задачи и работни процеси. V4 е наследник на моделот V3, AI модел што DeepSeek го лансираше кон крајот на 2024 година.
Сепак, пазарите во јануари 2025 беа изненадени од специјализираниот „reasoning“ модел на DeepSeek наречен R1. DeepSeek тогаш тврдеше дека тој модел е поисплатлив од сличното решение на OpenAI, а R1 набрзо стана симбол за тоа колку Кина забрзано им се приближува на Соединетите Американски Држави во технолошкиот развој.
Компанијата наведува дека верзијата „V4 Pro Max“ има „супериорни перформанси“ на стандардните тестови за логичко расудување во однос на моделот GPT-5.2 на OpenAI и Google Gemini 3.0-Pro. Во исто време, според DeepSeek, „маргинално“ заостанува зад моделите GPT-5.4 и Gemini 3.1-Pro.
Кога станува збор за „агенциските“ способности, кинеската компанија тврди дека V4 „pro“ верзијата може да го надмине моделот Claude Sonnet 4.5 и дека по ниво се приближува до Claude Opus 4.5, според сопствените интерни тестови.
„Flash“ верзијата на моделот V4, според DeepSeek, на поедноставни задачи за агенти работи на ниво на „pro“ верзијата, додека по способностите за расудување ѝ се приближува.
„Врз основа на резултатите од бенчмарковите, се чини дека DeepSeek V4 ќе биде многу конкурентен во однос на своите американски ривали“, изјави Лиан Џје Су, главен аналитичар во истражувачко-консултантската куќа Omdia.

Марина Жанг, вонредна професорка на Универзитетот за технологија во Сиднеј, оцени дека лансирањето на моделот V4 на DeepSeek е „пресвртна точка за кинеската AI индустрија“, особено во момент кога глобалната конкуренција во трката за самодоволност во клучните технологии рапидно расте.
DeepSeek нуди бесплатен веб и мобилен chatbot. За разлика од водечките модели што ги нудат Anthropic, Google и OpenAI, компанијата својата технологија ја опишува како „open source“, во смисла дека на програмерите им нуди пристап за измени и понатамошна надградба на основната технологија.
И „pro“ и „flash“ верзиите на V4 моделот имаат контекстен прозорец од 1 милион токени – параметар што покажува колку информации AI моделот може истовремено да обработи и задржи во „меморија“ – и работат поефикасно, соопшти стартапот. Тоа е значително подобрување во однос на претходниот модел V3, кој поддржуваше контекстен прозорец од 128.000 токени.
Извештај на Microsoft од јануари покажа дека употребата на DeepSeek бележи раст во бројни земји во развој.
Сепак, дел од аналитичарите остануваат претпазливи. Иван Су, повисок аналитичар за берзи во компанијата Morningstar, изјави дека V4 е „компетентен“ наследник, но не претставува таков исчекор каков што беше лансирањето на моделот R1.
„Домашната конкуренција значително се засили по лансирањето на моделот R1“, рече Су. „Во споредба со американските модели, сопствената евалуација на DeepSeek сугерира дека неговите способности главно се на слично ниво во повеќето области, но за конечни заклучоци се потребни независни проценки.“
Во февруари, Anthropic го обвини DeepSeek и уште две лаборатории за вештачка интелигенција со седиште во Кина дека спроведувале „кампања од индустриски размери“ за „нелегално извлекување на способностите на Claude моделот и нивно користење за унапредување на сопствените системи“.
Тие наведоа дека тоа било правено со техника на дестилација, која „подразбира тренирање на послаб модел врз основа на излезите (output) на посилен модел“. OpenAI изнесе слични обвинувања во писмо упатено до американските законодавци.
Оваа недела, советникот за наука и технологија на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Крациос, исто така обвини странски технолошки компании „кои претежно се со седиште во Кина“ дека ги дестилираат водечките американски AI системи и „ја експлоатираат американската експертиза и иновации“.
Кинеската амбасада во Вашингтон ги отфрли овие обвинувања, оценувајќи ги како „неосновано притискање на кинеските компании од страна на САД“.

