Новата AI опција во Google Photos овозможува брзо подобрување на фотографиите со еден допир, а можат да ја користат сите корисници на Android целосно бесплатно.
Google Photos доби нова AI опција за уредување фотографии наречена AI Enhance, која веќе е достапна за сите Android корисници глобално. Новата функција се наоѓа во табот Auto, покрај постојните алатки Enhance и Dynamic, и е замислена како брзо решение за автоматско подобрување на фотографиите со еден допир.
Имено, AI Enhance за само неколку секунди го подобрува осветлувањето, ги враќа деталите во светлите и темните делови на фотографијата и благо ги нагласува боите, но, иако Google веројатно би рекол поинаку, не носи значителен напредок во однос на веќе постојните AI решенија на конкуренцијата. Сепак, станува збор за едноставна и доволно атрактивна алатка за повеќето корисници кои сакаат брзи корекции без дополнително „чепкање“ низ поставките.

Од Google истакнуваат дека резултатите може да варираат во зависност од уредот, што значи дека барем дел од AI обработката се одвива локално. Сепак, треба да се има предвид дека функцијата не работи без интернет конекција, па не може да се користи целосно офлајн.

