Во својата амбиција да стане апликација за сè, Spotify влегува во светот на фитнесот. Премиум корисниците добиваат пристап до Peloton тренинзи, а сите можат да користат нови плејлисти за вежбање.
Spotify, во својата намера да стане апликација за сè, направи голем чекор во нов правец – влегува во светот на фитнесот. Компанијата официјално претстави нова категорија на содржини која вклучува водени тренинзи и партнерство со познатата американска компанија за вежбање Peloton. Со овој потег, Spotify повеќе не е само платформа за музика и подкасти, туку и сериозен конкурент на пазарот на фитнес апликации.
Што е ново за корисниците?
Премиум претплатниците во рамки на Spotify апликацијата сега добиваат пристап до видеотека со повеќе од 1.400 Peloton тренинзи, и тоа без никаква дополнителна наплата. Понудата, како што пренесува Engadget, вклучува различни дисциплини како тренинг со сила, кардио, јога и медитација. Поголемиот дел од содржината е на англиски јазик, со одредени опции и на шпански и германски.

Корисниците со бесплатни сметки исто така добиваат пристап до нов „Fitness“ хаб, каде што можат да пронајдат специјално креирани плејлисти за вежбање. Целокупната фитнес содржина е достапна преку пребарување на поимот „fitness“ во апликацијата. Една од клучните карактеристики е интеграцијата со постоечкиот Spotify екосистем. Тоа значи дека, на пример, можете да започнете видео тренинг на паметен телевизор и лесно да го префрлите во аудио формат на телефонот ако одлучите да продолжите со вежбање на отворено. Сите тренинзи може да се преземат и за користење без интернет конекција.
Потег заснован на навиките на корисниците
Иако влегувањето во фитнесот на прв поглед може да изгледа како нагол пресврт за Spotify, компанијата истакнува дека одлуката е базирана на податоци. Наведуваат дека речиси 70% од нивните Премиум претплатници вежбаат барем еднаш месечно, а содржината поврзана со вежбање била меѓу најчестите пребарувања во нивната нова функција „Prompted Playlist“, која генерира листи на песни врз основа на текстуални описи.
Ова е само продолжение на долгорочната стратегија за проширување на понудата надвор од музиката. По големите инвестиции во подкасти и аудиокниги, па дури и експериментирањето со продажба на физички книги, фитнесот е логичен следен чекор во трансформацијата на Spotify во централна платформа за сите аудио, а сега и видео потреби на своите корисници.

