Со тестирањето на лендерот MK1 во екстремни термални и вакуумски услови, Blue Origin и NASA ја потврдија подготвеноста за претстојните научни и товарни мисии во рамки на програмата Artemis.
Вселенската компанија на Џеф Безос, Blue Origin успешно ја заврши клучната фаза на тестирање на својот лунарен лендер MK1, познат и под името „Endurance“, во вакуумската комора на NASA во вселенскиот центар Џонсон. Овој беспилотен товарен лендер служи за демонстрација на можностите, а неговата цел е унапредување на системите за слетување на луѓе на Месечината. Проектот се реализира преку модел на јавно-приватно партнерство, при што Blue Origin ги користи капацитетите и експертизата на NASA преку посебен договор за соработка.
Технолошка демонстрација
За време на престојот во една од најголемите термални вакуумски комори во светот, инженерите успешно симулираа услови на длабока вселена и екстремни температурни осцилации. Ваквата симулација на Земјата им овозможи на тимовите детална евалуација на перформансите на системот, како и проверка на структурниот и термалниот интегритет на леталото пред самото лансирање. Резултатите од тестирањето ќе бидат клучни за намалување на ризикот во идните мисии кои вклучуваат враќање на астронаути на површината на Месечината.

Лендерот MK1 е дизајниран за демонстрација на прецизно слетување, криоген погон, како и автономна навигација и контрола — неопходни компоненти за долгорочни операции на Месечината. „Endurance“ ќе пренесе и два научно-технолошки уреди на NASA до јужниот пол на Месечината, во рамки на иницијативата Commercial Lunar Payload Services. Овие системи вклучуваат специјализирани стерео камери за проучување на интеракцијата на моторот со тлото, како и ласери за прецизно позиционирање на леталото од орбита.
Овој потфат директно придонесува за развојот на поголемиот систем Blue Moon Mark 2 (MK2), кој ќе биде наменет за транспорт на екипаж од месечевата орбита до самата површина и назад. Искуствата стекнати при дизајнот и интеграцијата на лендерот MK1 ќе бидат имплементирани во идните мисии од програмата Artemis. Токму поради ваквите проекти, Blue Origin привремено ги паузираше своите суборбитални „летови“ со ракетата New Shepard и се фокусираше на развој на ракети за орбитални лансирања и лунарни системи кои можат да ѝ бидат од корист на NASA.

